Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, бара повеќе оружје за Украина
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги повика земјите-членки на НАТО да ѝ достават повеќе оружје на Украина. Во интервјуто за германската новинска агенција ДПА, Столтенберг зборуваше за повеќе актуелни прашања, а токму повикот до сојузниците привлече најголемо внимание, па поголем број светски медиуми го цитираа.
– Ги повикувам сојузниците да направат повеќе. Во сите наши безбедносни интереси е да обезбедиме Украина да надвладее, за Путин да не победи – изјави Столтенберг.
Тој рече дека можеби е уште поважно Украина да добие доволно муниција за системите што се веќе испратени, додавајќи дека потребата за муниција и резервни делови е „огромна“. Минатата недела, во обраќањето до група западни лидери, украинскиот претседател Зеленски побара широк опсег на оружје и системи за противвоздушна одбрана.
Исто така, Соединетите Американски Држави минатата недела објавија дека ќе дадат речиси две милијарди долари дополнителна воена помош, вклучувајќи, за првпат, системи за воздушна одбрана „патриот“, кои нудат заштита од авиони и од крстосувачки и балистички ракети.
Од интервјуто за ДПА на Столтенберг поголемо внимание во јавноста предизвика неговото мислење дека воената поддршка за Украина е најбрзиот пат за мир.
– Знаеме дека повеќето војни завршуваат на преговарачката маса – веројатно и оваа војна ќе заврши, но знаеме дека она што Украина може да го постигне во овие преговори нераскинливо зависи од воената ситуација – рече тој.