Фото: Маја Јаневска-Илиева

По завршените 10-дневни подготовки во Маврово, каде што македонската репрезентација одигра две контролни средби со Црна Гора, денеска во СЦ „Борис Трајковски“ (19 ч.) следува ревијалниот меч „Сите ѕвезди“, в петок е мечот со Хрватска, в сабота со Израел, а идната недела почнуваат средбите на СП 2023, со Норвешка, Холандија и со Аргентина

РАКОМЕТ – ПРОДОЛЖУВААТ ПОДГОТОВКИТЕ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА ЗА СП 2023

Новата 2023 година уште во јануари ветува дека ќе биде спортски многу возбудлива, особено за македонскиот машки сениорски ракомет, кој осми пат ќе настапи на едно Светско првенство (СП), овој пат во Полска и во Шведска. СП ќе биде второ издание за мажи со 32 селекции, по претходното во Египет во 2021 година, а ќе го одбележи и враќањето на публиката на трибините откако претходното издание се играше без гледачи, поради пандемијата на ковид-19. Официјалниот почеток на СП е закажан на 11 јануари во 21 часот, со мечот помеѓу домаќинот Полска и најтрофејната селекција од светските првенства, Франција.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров, на ова СП во подмладен состав, со доаѓањето на голманот Никола Митревски и на бекот Филип Кузмановски, комплетни ги продолжуваат подготовките, за што поподготвени да истрчаат на дуелите што ќе ги играат во Краков. По завршените 10-дневни подготовки во Маврово, каде што одиграа две контролни средби со Црна Гора (која исто така ќе настапи на СП) и остварена победа (38-33) и пораз (30-31), веќе денеска во СЦ „Борис Трајковски“ (19 ч.) следува ревијалниот меч, наречен „Сите ѕвезди“.

На него ќе играат актуелните ракометни репрезентативци, кои треба да настапат на СП, и селекцијата на ракометни ветерани, за која се очекува да настапат околу дваесетина играчи (Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Филип Миркуловски, Ванчо Димовски, Стојанче Стоилов, Наумче Мојсовски, Стевче Алушевски, Велко Маркоски, Владо Недановски, Горан Кузмановски, Александар Јовиќ и други). Целиот приход од влезниците, кои се по цена од 250 и 300 денари, а можат уште да се набават преку мрежата „МК тикетс“ низ цела Македонија, ќе биде дониран за „СОС детското село“.
По овој дуел, црвено-жолтите ќе бидат дел од турнирот во Пореч, „Кроација куп“, каде што в петок ќе играат со домаќинот Хрватска, а еден ден подоцна со Израел, што наедно ќе претставува и последна проверка на сработеното и моментната форма пред заминувањето за Полска. Македонија ќе го има првиот меч на СП на 13 јануари, со Норвешка, два дена подоцна е дуелот со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина, сите три во полскиот град Краков. Првите три селекции од секоја од осумте групи одат во следната фаза.
Македонија го оствари најдобриот пласман, деветто место, на СП 2015 во Катар. Титулата годинава ја брани селекцијата на Данска, а најмногу златни медали на светските првенства, шест, освои Франција. Г.И.