Зона за забрана на летови и забрана за воени вежби во близина на границата меѓу Северна и Јужна Кореја се дел од мерките кои денеска стапија во сила, а се дел од воениот договор склучен во октомври меѓу двете Кореи во Пјонгјанг.
Мерките вклучуваат и запирање на „непријателското дејствување“ и постепено отстранување мини и стражарски места во демилитаризираната зона.
– Јужна и Северна Кореја во целост ја отстранија опасноста од воен судир согласно воениот договор – изјави јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин во Парламентот.
Тој дополни дека двете Кореи и САД ќе постигнат целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и „траен мир заснован врз цврста доверба“.
САД изразија загриженост дека договорот би можел да ја поткопа одбранбената способност во услови кога бавно се одвива денуклеаризацијата на Северна Кореја, иако Вашингтон вчера го поддржа договорот.