Несовесните возачи не водат многу сметка за животната средина, па трагови од моторно масло има насекаде низ градот / Фото: Игор Бансколиев

Во период кога сите интензивно дискутираме за загаденоста на воздухот, малку кој посветува внимание на една појава што се одвива покрај нас, но остава сериозна трага и ја загадува животната средина. Станува збор за несовесните возачи, кои не водат доволно грижа за околината, туку се однесуваат како да не живеат овде и да не ги допираат последиците од нивното несовесно однесување. За што станува збор?

УШТЕ ЕДЕН НЕГАТИВЕН ЕФЕКТ ОД НЕОДГОВОРНИТЕ СОПСТВЕНИЦИ НА ВОЗИЛА

Возилата можеби не се најголеми, но, секако, се едни од главните загадувачи на воздухот и животната средина во градот. Како загадувачи не се јавуваат само поради издувните гасови туку и поради тоа што возачите честопати знаат да не водат многу сметка за нив, па еден од најчестите проблеми што произлегуваат од таквиот однос е истекувањето моторно масло по улиците и тротоарите. Уште повеќе, сѐ уште постојат импровизирани автомеханичарски „сервиси“ или т.н. канали каде што се испушта и менува маслото на моторните возила. Прегореното масло или се истура во оближните паркови или се користи за загревање во импровизирани ќумбиња. Во сите случаи, токму тоа масло претставува исклучително силен загадувач на почвата, водата и воздухот, што негативно влијае и кај растенијата, животните и луѓето.

Само една капка прегорено моторно масло загадува неповратно еден кубик
вода

Кога станува збор за прегорени масла, особено оние од моторните возила, експертите за животна средина веднаш бурно реагираат, истакнувајќи дека прегорените масла имаат само 10 отсто нафта во себе, истакнувајќи дека преостанатото се минерални суровини (хемиски супстанции), кои се екстремно токсични!
Поточно и сликовито кажано од нивна страна, „една капка масло загадува еден кубик вода!“ Според нив, „таму каде што има вакви масла целосно се уништува живиот свет!“
Имајќи ги предвид навиките на локалното население, експертите тврдат дека „маслата потекнуваат од автомеханичарски работилници чии несовесни мајстори менуваат масла во автомобилите, ги собираат во буриња и наместо да почекаат специјални возила, кои бесплатно ги собираат бурињата да ги однесат на преработка во Скопје, полесно им е да го истурат прегореното масло во канализација или да го употребуваат за загревање на просториите во импровизирани печки“!

ЛОКВИ МОТОРНО МАСЛО НА УЛИЦИТЕ И НА ТРОТОАРИТЕ

И моторното масло што истекува од возилата низ метрополата претставува сериозен ризик за учесниците во сообраќајот, а негрижата за возилата дополнително влијае девастирачки на животната средина, особено на водите каде што маслото неконтролирано истекува.
За пешаците, велосипедистите и другите учесници во сообраќајот, како и возилата, тоа е проблем проследено од неколку аспекти. Прво, затоа што улиците и тротоарите се лизгави, па претставуваат ризик за безбедноста, но, од друга страна, може да бидат сериозна причина за сообраќајни несреќи, во кои причината би била токму лизгавиот терен.
Речиси нема тротоар или улица без препознатливите траги од истечено моторно масло. Тие траги не се чистат, остануваат тука со денови и месеци, од нив се шири непријатна миризба, а кога маслото е свежо истечено, граѓаните се како на лизгалиште.
Еден драстичен пример е скопската населба Чаир, каде што има огромен број возила и по улиците и речиси на секое ќоше во општината. Тука на тротоарите и улиците има големи количества истечено масло, па за жителите на оваа населба ваквата состојба претставува сѐ поголем проблем: непријатна миризба, теренот е лизгав, опасно е да се минува на тој потег, па велат дека иако реагираат до сопствениците на возилата, досега нема решение за овој нивни проблем.
– Имам мали деца со кои морам да пешачам, тие сакаат да прошетаат, да потрошат енергија. Невозможно е да се помине. Каде било во нашата општина, огромните дамки од масло има речиси насекаде, тие се лизгави, а децата, знаете, и самите дека не се многу внимателни кога се движат. Синот со велосипед неколкупати досега падна како последица на маслото на тротоарот. Некои од сопствениците на возилата дури и си ги поправаат тука, па кога ќе им укажам, веднаш со висок тон и со закани ми велат да не се мешам и дека тоа не е моја работа – вели Милена Јакимовска, жителка на оваа населба.

МАЛКУ МОЖЕ ДА СЕ НАПРАВИ?!

За општинските тротоари и улици надлежноста паѓа на општините, меѓутоа за главните улици и тротоари, каде што надлежноста паѓа на градот и комуналното претпријатие, надлежните велат дека немаат голем избор што можат да направат.
Од јавното комунално претпријатие велат дека во вакви случаи не можат многу да направат, освен да се обидат да го исчистат истеченото масло од возилата.
– При појава на истечено масло на јавни и сообраќајни површини што се во надлежност на ЈП Комунална хигиена – Скопје, екипите на претпријатието најпрво го посипуваат местото со песок (земја) за да се впие маслото, а потоа со помош на електрична метларка се врши суво метење на локацијата. Тоа е единствениот начин да се санираат евентуалните штетни последици за возилата и минувачите – информираат од претпријатието.

ШТЕТАТА ПО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА Е НЕПОПРАВЛИВА

Она што најмногу загрижува е фактот што можеби со песок и вода ќе се исчисти маслото од улиците и тротоарите, меѓутоа штетата од неговите ефекти врз животната средина е практично непоправлива.
Испарувањето на моторните масла од земјата, нивното мешање со вода, доаѓањето во контакт со животните се само мал дел од ризиците што се појавуваат како последица на истекувањето.
Според научните истражувања, моторните масла се создадени за да го подмачкуваат и ладат моторот на автомобилот. И таа нивна намена завршува тука. Тие се штетни за животната средина, убиствени се за животните и растенијата, а смртоносно се опасни и за животот на луѓето.
Нивното истекување завршува во водата што ја пиеме, бидејќи само при еден дожд се мешаат со водата, што потоа завршува во земјата, во растенијата, а при испарување, истите тие повторно ни се враќаат како бумеранг во форма на дожд што ни ги наводнува растенијата и садниците. Така, загадената вода доаѓа во контакт со овошјето и зеленчукот со кои секојдневно се храниме, доаѓа во контакт со реките и езерата каде што во летниот период се разладуваме…
Кога истеченото моторно масло доаѓа во контакт со сончевите зраци, како последица на топлината, се случува испарување, при кое се испуштаат штетни хемикалии во воздухот, со што директно се зголемува загадувањето на воздухот. Кај луѓето што ги вдишуваат овие штетни хемикалии се забележуваат негативни здравствени последици, како болести на белите дробови, отежнато дишење и слично.
Но нашите несовесни возачи, очигледно, малку размислуваат за сите овие штетни последици.