Македонската радио-телевизија како производител и умножувач на световите е вистински модел на една нова состојба на онтолошка плуралност, кој и нашата со перформанси и содржини скромна реалност, ја преобликува виртуелно, ја дигитализира и трансмитира глобално, според универзалните принципи на информатичката ера. Оваа „нова состојба“ во нашиот (македонски) случај, рака под рака со програмско-технолошката транзиција и консолидација, доживеа бурен либерален развиток со нови технолошки иновации и со сите последици што настануваат притоа.
Во текот на овој месец се одбележува 78-годишнина на Македонската радио-телевизија (МРТ). Да се потсетиме дека на 28 декември 1944 година започна емитувањето на македонското радио Радио Скопје, со директен пренос на Второто заседание на АСНОМ, кое се одржа во ослободениот главен град на Македонија.
На 14 декември 1964 година, од импровизираното студио во Долно Нерези започна емитувањето на ТВ Весник и на редовната програма на Телевизија Скопје.
Предходно. на 1 септември 1960 година. беше формирана првата редакција на Телевизија Скопје, која започна со своја продукција, со што се роди Македонската телевизија.
На 31 март 1961 година беше објавен првиот телевизиски прилог на македонски јазик. Развојот и на Македонското радио – Радио Скопје и на Македонската телевизија беше во незапирлив континуитет, афирмирајќи ги милозвучниот македонски јазик, нашата култура, традиции, историја и идентитет. На јавниот сервис МРТ, освен на македонски, има програми и на албански, турски, ромски, влашки, српски и бошњачки јазик.
Неколку реда до помладите и помалку упатените. Во развојот на МКРТВ се карактеристични неколку фази. Најпрвин беше радиото, потоа радиото и телевизијата беа едно. Како што растеше и се развиваше системот, се одвоија радиото и телевизијата. Потоа се создадоа услови за отворање на Втората програма, како комплементарна и алтернативна нужност, имајќи ги предвид диверзитетот на интересот на гледалиштето и растот на македонската држава, чиј виртуелен одраз како јавен интерес е континуирано предмет на програмите на Македонската радио-телевизија, еве, повеќе од 70 години.
Со отворањето и доизградувањето на Третата програма поизразено се одговори на мултиетничкиот карактер на самостојна Македонија. Во процесите на развој се создадоа професионални кадри, кои успешно одговорија на претпоставените долгогодишни продукциски предизвици. Секојдневно следење на настаните и информирање од историските збиднувања, големите играни серии, подемот на документарниот жанр, квалитетната образовна програма, со која пораснаа и другаруваат генерации, слушајќи ги и учејќи ги македонскиот јазик, песни, обичаи и настани, се само дел од уставната и законска обврска на овој сложен радиодифузен систем, столбот на македонската сувереност.
Со дигитализацијата, реставрацијата на ентериерот и директниот пренос од седниците од највисокиот законодавен и уставотворен дом во нашата држава, од неброените брифинзи, конференции за печат и сл., изминативе дваесетина години се врши интензивна виртуализација и транспарентност на политиката во сиот нејзин обем.
Директниот телевизиски пренос од парламентарните сесии е важна и повеќезначна придобивка на нашата демократска нова реалност. Таа, освен што го воведе парламентот како содржина во нашите дневни соби, промовира во извесна смисла и еден релативно нов (за нас) телевизиски жанр – политичко шоу, како поджанр на политичката естрада, што и покрај статичниот мизанкадар плени со силата на латентниот интелектуално-когнитивен потенцијал и мелодрамски набој.
МРТВ низ годините беше предмет на дебати, дискусии, недоразбирања, закани од типот МРТВ да гори, да се укине… и уште куп небулози, предлози, сѐ под заеднички именител – потребен (ви е) ни е нов, модерен и силен јавен сервис.
Неверојатно е колку паушални оцени, мислења, анализи беа во оптек на адреса на јавниот радиодифузен сервис. Дури имаше и отворени повици од позиција на високи функционери во собраниските комисии за медиуми да се укине јавниот сервис,
Лошата слика за МРТВ, за што често можевме да прочитаме, да чуеме и да видиме во печатот, на социјалните мрежи и во некои од електронските медиуми – национални или концесионери, „медиумски експерти“ (самопрогласени) – во голем дел е резултат на долгогодишна континуирана неподготвеност, најпрвин на голем дел од политиките, а и на дел од јавноста, да се соочи со објективните претпоставки и вистинската димензија на овој сложен продукциско-информациски систем, столб на македонскиот медиумски суверенитет.
Програмите на МРТВ низ годините овозможија афирмација и широка дистрибуција на аудиовизуелни содржини, што беше задача и една од клучните функции, но во поглед на структурата тие одамна ја надминуваат таа претпоставка и прераснуваат во производители на содржина и жанрови во кои ја компримираат реалноста, ја пресоздаваат и ја вградуваат во етерот како суверена зона на виртуелна репродукција на севкупното општествено-политичко, економско, културно и духовно битие. Она што не минало низ медиумскиот продукциски хоризонт не постои – тврдат и упорно нѐ потсетуваат теоретичарите.
Продукциските содржини што повеќе од седум децении во континуитет професионално и квалитетно ги продуцира и емитува МРТВ како пресек на севкупното македонско битие, во првата фаза на презентација се радио-телевизиска програма, со стандардна динамика на експлоатација – како премиери, репризи, и потоа влегуваат и остануваат во депоата како ризница на која секогаш се навраќаме и ќе се навраќаме. Во наредната фаза таа ја надраснува оваа улога и станува архивска граѓа – сведоштво за нашето постоење и историско паметење.
Како сервис што го канализира јавниот интерес и ја афирмира севкупната македонска реалност, МРТВ е најголемиот и единствен вистински продуцент, со вредна и високопрофесионална инфраструктура и искуство во кое со децении се вградувани креативноста, умеењето, љубовта на генерации сонувачи, вредни професионални профили во содејство со респектот и довербата на гледалиштето.
Денес сме сведоци на создавање нов медиумски поредок што го обележуваат нов вид услуги. Неопходно е следење на трендовите, но тоа не подразбира медиумска корепетиција и слепо прифаќање готови модели. Свесно и грижливо треба да се штитат и негуваат посебностите и изворните вредности и да се исползуваат новите технологии на најдобар можен начин за заштита и развој на сопственото медиумско битие.
Сложениот и важен систем МРТВ и од идните поколенија треба да се штити и доизградува технолошки и продукциски, како важен институционален бедем за иднината, која сѐ повеќе станува електронска и виртуелна и во која и економскиот, културниот и пропагандниот натпревар ќе се одвива во глобалниот етер.
И само едно мало потсетување: во развиениот свет медиумите живеат или умираат според тоа колку и како ѝ служат на широката заедница и според степенот на доверба што ја генерираат, но секогаш треба да се има на ум и да се биде претпазлив во оваа сфера, бидејќи безмилосното распарчување и распродавање на етерот не е само она што нѐ поврзува со светот туку во иста мера нѐ отуѓува од него и нѐ претвора само во вид случаен автоматски придонес во комплексната и сложена зона на медиумски интеракции. МРТВ и во ерата на т.н. метаверзум и корпоратистички дистопии, кои ги потиснуваат индивидуалноста, идентитетот, посебноста, беше и останува столбот на македонскиот медиумски суверенитет – чувар на метафизиката во неметафизичка вселена. Нека е честит јубилејот.
Аљоша Симјановски