НГМ во 2022-та
Изминатата година беше мошне успешна за Националната галерија на Македонија (НГМ), со голем број изложби поддржани од Министерството за култура, во рамките на Годишната програма, оценува раководството на институцијата. Годината почна со две вонпрограмски содржини, првата беше изложбата со наслов „Процут кон женственоста“, по повод Меѓународниот ден на жената, а вториот настан во соработка со Францускиот институт од Скопје – изложба на македонските основоположници што живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни. Насловот на изложбата беше „Париски рефлексии“. На двата настана беа претставени дела од богатата ризница на Националната галерија.
– Од март до април во „Чифте-амам“ беа претставени убавините на една не многу далечна земја, лулка на историјата, културата и модата, преку изложбата со наслов „Убавините на Италија“, на фотографии од архивот „Алинари“, како резултат на соработката на Амбасадата на Италија… Потоа беше подготовката на обемен и секако најзначаен проект во 2022 година, нашето претставување на Венециското биенале на уметноста и отворањето на македонскиот павилјон, со учество на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Со задоволство можеме да констатираме дека павилјонот постигна рекордна посетеност со над 50.000 посетители – велат од НГМ.
По изминати 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност, Националната галерија ја најави и отвори ретроспективната изложба на Димитар Кондовски, еден од малкутемина македонски ликовни уметници, чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Беа отворени и изложбите на Иванчо Талевски – „Пресек: Дама со девет камења“, Дриант Зенели, мултимедијален уметник – неговата „Трилогија“ постави тема како да ги поместиме границите на нашите ограничувања без да станеме суперхерои, потоа самостојната изложба на Кирил Гегоски, па портретите на Илија Аџиевски, односно „Портретот во фокус“, ретроспективата на Теофил Шулајковски-Тофе, наш еминентен ликовен автор…
– Ваквиот тип ретроспективни изложби се само основни поводи преку кои Националната галерија, како институција што над седум децении се грижи за чување и заштита на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна функција се надоврзуваат и нашите заложби за константно потсетување и едукација за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од македонската уметност – вели Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија.
Најнова е „Ретроспективна изложба – 30 години творештво“ на ликовниот уметник и универзитетски професор Нехат Беќири. НГМ реализира и многу вонпрограмски активности, со што даде поддршка во афирмацијата на уметноста надвор од програмата, поддршка на организации, друштва, здруженија и млади уметници.