Согласно добиените мерења од акредитирана лабораторија, надвор од кругот на ОХИС во воздухот од испарувањата нема надминување на концентрациите на линдан што се дадени во планот за управување и негово отстранување од депонијата, изјави директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.
-Во кругот на ОХИС има на една точка надминување на концентрациите. Таа точка е во близина на големата депонија. Ние заедно со Државниот инспекторат за труд направивме координиран инспекциски надзор поради тоа и донесовме заклучок да го информираме МЖСПП да направи допис до сопственикот на ОХИС сите оние коишто се потстанари внатре во кругот во близина на жешката точка каде што се прави расчистување да користат заштитна опрема – маска. Дали МЖСПП го упатило дописот до сопственикот на ОХИС не сум информиран – рече Стојковски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција посветена на активностите од тековното работење на Инспекторатот.
Тој потврди дека во изминатите три месеци (од септември до денес) нема активности за отстранување на линданот од малата депонија, освен утовар на веќе спакуваниот линдан. Тендерот за третиот ЛОТ е распишан, изавршен е, а според информациите со кои ртасполага, истиот изведувач „Полиеко“ од Грција бил учесник на тендерот, но, вели, уште не е склучен договорот.
-Не ми е јасно зошто нема активности во овој период, бидејќи испарувањата во летниот период се големи, концентрациите и емисиите на ХЦХ изомерите во воздухот се големи во летниот период. Зошто не се работи мислам дека тоа прашање треба да се упати до МЖСПП. Јас сум човек којшто работел во ОХИС 21 година целта ми е што побрзо да се расчисти таа локација. Најавите се дека и во наредните три месеци нема да има работа што е загрижувачки бидејќи ќе дојдат топлите денови кога испарувањето ќе биде големо, реакциите на граѓаните и сега се на високо ниво, така што сите институции – и оние кои што се задолжени за спроведување на тендерот треба да направат се да се искористи овој период кога времето е ладно, за да се има активности во делот на отстранување, ископување на изомерите со ХЦХ – апелира Стојковски.