За загадување на амбиенталниот воздух во Скопје досега се стигнати повеќе претставки од граѓани, но Д нема надлежност да влегува во домовите на граѓаните кои користат недозволени средства за затоплување, без судска дозвола, туку може само да апелира тоа да не се прави, вели директорот на Инспекторатот, Сретен Стојковски.
– Ние во неколку наврати им укажавме на граѓаните, а и студиите покажаа, дека загадувањето доаѓа претежно од затоплувањето на домаќинствата. Имавме повеќе претставки коишто укажуваат дека одредени граѓани користат недозволени средства за затоплување. Но, ние како Државен инспекторат немаме надлежност да влеземе во нивните куќи, без судска наредба или одлука. Така што цело време апелираме до граѓаните да користат такви извори за греење, што не ја загадуваат животната средина. Да се избегнува, пластика, гума, дрво од индустријата за производство на мебел итн. – изјави Стојковски во одговор на новинарско прашање за аерозагаденоста на Скопје на денешната прес-конференција посветена на активностите од тековното работење на Инспекторатот.
Тој истакна дека инспекторите за животна средина може да интервенираат и излегуваат на терен само во случаи каде има натрупување на отпад во дворовите и да пишуваат казни. Во последните три-четири месеци санкционирани се четири-пет физички лица со казни од 250 евра, сума која е преполовена на 125 евра, бидејќи е платена во рок од осум дена, а лицата се задолжени да ги исчистат површините каде што складирале отпад.
Стојковски појасни дека за секое загадување на амбиенталниот воздух кога ќе има надминување на вредностите во два последователни дена, МЖСПП ги информира и тие имаат обврска да ги зајакнат контролите на субјектите кои што ги контролираат, а тоа се оние со А-интегрирани дозволи и субјектите кои што поседуваат елаборати кои што се одобрени од Министерството за животна средина.