Фељтонот „Војната во Украина како предуслов за нов светски поредок и реперкусиите врз Западен Балкан“ од д-р Маја Мишковска дава еден сопствен поглед на случувањата во Украина и нивниот одраз врз светската политичка сцена, со посебен акцент на Западен Балкан. Преку опсежна анализа на украинско-руските односи, па преку одразот врз нивните сојузници, авторката на фељтонот презентира и
некои помалку познати ликови и настани од минатото, со што ја дополнува сликата на она што се случува денес во Украина, за на крајот да го насочи фокусот кон Балканскиот Регион, кој не е поштеден од последиците на актуелниот конфликт на истокот од континентот
Руската инвазија на Украина го предизвика најголемиот конфликт меѓу Москва и Западот од кубанската криза, кога Советскиот Сојуз и Соединетите Американски Држави беа блиску до нуклеарна војна. Во јавно дистрибуирано писмо, на 27 октомври 1962 година, до претседателот Кенеди, а прочитано на Московското радио, Хрушчов предложи отстранување на советските ракети од Куба доколку САД ги отстранат своите аналогни средства од Турција. Во писмото од Хрушчов до Кенеди се вели: „Вознемирени сте поради Куба. Велите дека тоа Ве вознемирува затоа што е оддалечено 90 милји по море од брегот на Соединетите Американски Држави… Во Турција, буквално до нас, поставивте разорно ракетно оружје, кое го нарекувате навредливо. Како тогаш признавањето на нашите еднакви воени капацитети може да се усогласи со таквите нееднакви односи меѓу нашите големи држави? Ова е непомирливо“.
За тоа дека војната во Украина е војна за политичко-економска доминација од една страна меѓу Соединетите Американски Држави и преостанатите земји-членки на НАТО и од друга на Русија и Кина сѐ повеќе и појасно се забележува и во заклучоците од документите и изјавите од 29 јуни 2022, објавени од Комисијата за ревизија на економијата и безбедноста на САД и Кина (U.S. China Economic and Security Review Commission) во врска со „Кинеската позиција во руската инвазија на Украина“. Се потенцира дека сојузниците на НАТО го усвоија Стратегискиот концепт од 2022 година, во кој се наведува „продлабочувањето на стратегиското партнерство меѓу Народна Република Кина и Руската Федерација и нивните меѓусебно зајакнувачки обиди да го поткопаат меѓународниот поредок заснован на правила што се во спротивност со нашите вредности и интереси“. Сојузниците на НАТО ветија дека ќе работат заедно за „да се решат системските предизвици што ги поставува НР Кина за евроатлантската безбедност и да ја обезбедат трајната способност на НАТО да ги гарантира одбраната и безбедноста на сојузниците“.
Понатаму, во извештајот од 27 октомври, Кина цврсто ја поддржува владата на рускиот претседател Владимир Путин да помогне „да ги надмине тешкотиите, да ги елиминира нарушувањата, да ги реализира стратегиските цели на развојот и натамошно воспоставување на Русија на меѓународната сцена…“ и да ја продлабочи размената со Русија на сите нивоа, а како одговор на поддршката и Русија е исто така подготвена да ги зајакне врските со Кина на сите нивоа.
Русија како нуклеарна сила
Рускиот претседател изјави дека заканата од користење нуклеарно оружје се зголемува и би било погрешно да се скрие дека неговата земја ќе користи оружје за масовно уништување само како одговор на напад! Но Путин нагласи дека Русија не „полудела“ и нема прва да го користи своето нуклеарно оружје.
Руската нуклеарна доктрина од инвазијата на Украина беше под лупа за тоа кога би можело да се користи нуклеарно оружје, особено „тактичко“ оружје што би било пуштено во Украина, иако тактичкото нуклеарно оружје за кое многу се дискутираше и се анализираше е за употреба во борба, за разлика од поголемите „стратегиски“ оружја што се дизајнирани да предизвикуваат масовно уништување.
Во момент на екстремна глобална тензија, два месеца по започнувањето на војната во Украина, руската војска демонстрираше и тестираше најнова тешка и уникатна интерконтинентална балистичка ракета со нуклеарна моќност од невидени размери. Ракетата „сармат“ првпат беше лансирана на речиси 6.000 километри од северозападот од Плесецк и ги погоди целите на крајниот исток на полуостровот Камчатка. При евентуална, но невозможна ситуација за ескалација на непријателствата меѓу САД и Русија, овие ракети од страна на Русија, покрај тоа што се стационирани во водите на Пацификот и Атлантикот, би можело да бидат насочени и употребени кон САД.
Од своја страна, според Конгресната служба за истражување на САД и „сармат“ е нова тешка интерконтинентална балистичка ракета, која се очекува Русија да ја распореди со 10 или повеќе боеви глави на секоја ракета.
Во 2015 година, Русија ги најави плановите за ново торпедо со нуклеарен погон со долг дострел. Торпедото, наречено „статус-6“ или „посејдон“ во Русија и „кањон“ во Соединетите Американски Држави, е опремено со нуклеарна боева глава од 100 мегатони, дизајнирана со цел да создаде радиоактивно цунами. Во 2019 година Русија го лансира проектот „9852 Белгород“, подморница што може да го лансира торпедото „статус-6“. На 5 октомври, според сознанијата на глобалната организација фокусирана за намалување на нуклеарните и биолошките закани – Иницијативата за нуклеарна закана, руска подморница „Белгород“ беше забележана во водите на Арктикот, што предизвика стравувања од тестирање со нуклеарно оружје, со оглед на тоа што подморницата има можност да носи нуклеарни торпеда со големина на автобус.
Торпедата „посејдон“ првпат се откриени во 2015 година и се стратегиско нуклеарно оружје дизајнирано да го заобиколи растечкиот одбранбен капацитет на балистички проектили на Западот. Концептот предвидува нуклеарните торпеда од 80 стапки да бидат вооружени со боева глава до 100 мегатони, кои би можеле да бидат лансирани илјадници милји подалеку од крајбрежна цел.
Овие воени достигнувања ја зајакнуваат борбената моќ на Русија и имаат највисок тактичко-технички карактер, со што ги надминуваат сите современи антиракетни средства.
За рускиот претседател, Русија го има најмодерното и најнапредно нуклеарно оружје во светот и тој ја спротивставува руската нуклеарна стратегија со стратегијата на Соединетите Американски Држави – за која рече дека е отидена подалеку од Русија поради лоцирање на своето нуклеарно оружје на други територии. Путин нагласи дека Русија нема нуклеарно оружје, вклучувајќи и тактичко, на територијата на други земји, но нуклеарно оружје „Американците имаат – во Турција и во голем број други европски земји“!
Воените маневрирања во водите на Пацификот и на Атлантикот за Путин имаат цел да ги натераат непријателите на Москва да застанат и да размислат, особено што руската нуклеарна доктрина дозволува само одбранбена употреба на нуклеарно оружје
Иако заканите растат, Путин тврди дека „под никакви околности“ нема прв да го користи оружјето и нема да му се заканува никому со својот нуклеарен арсенал. Во говорот на годишниот состанок на рускиот совет за човекови права, Путин изјави: „Нема да трчаме низ светот мавтајќи со ова оружје како со жилет“, а непријателите на Москва ќе ги натера да застанат и да размислат!
Д-р Маја Мишковска
(продолжува)