Зоран Стојчевски

Она што особено радува е што партиите од Екипното првенство до 18 години секојдневно ги следеа по околу 100.000 посетители, во живо преку интернет, што доволно говори за големиот интерес што владееше, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски

ПО ШАХОВСКАТА БАЛКАНИЈАДА НА ПОПОВА ШАПКА

Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) со неодамнешната успешна организацијата на Балканското екипно првенство во возрасната категорија до 18 години, кое се одигра на Попова Шапка, уште еднаш го положи тестот на успешен домаќин, како и многупати претходно, и тоа на многу позначајни и помасовни шаховски натпреварувања.
– Пофалби за организацијата, условите за игра, сместувањето и текот на Балканијадата, во која ШФМ ги намири трошоците за сите екипи и присутни гости, добивме од сите учесници. На Балканијадата присуствуваа претседателот на Балканската шаховска федерација, Албанецот Ералд Дервиши, претседателот на ШФ на Црна Гора, Јован Милојевиќ, и други видни шаховски работници и тренери од Словенија, Грција и од Бугарија, како и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој имаше воведен збор пред турнирот. На средбите што притоа ги имавме со присутните гости, ШФМ најави дека сака Македонија да биде кандидат за организација на масовен и силен поединечен балкански сениорски опен турнир, за кој домаќинот, во зависност од другите кандидати, ќе биде познат во јануари следната година. Она што особено радува е фактот што партиите од неодамнешното Екипно првенство до 18 години секојдневно ги следеа по околу 100.000 посетители, во живо преку интернет, што доволно говори за големиот интерес што владееше – вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.
Според Стојчевски, Македонија ќе направи напори да биде домаќин барем на еден од настаните поддржани од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и од Балканската федерација, како што се Поединечното и Екипното првенство за млади (до 18 години), тимското за сениори, Опен турнирот…, но сѐ ќе биде познато до крајот на јануари 2023 година.
– Многу е значајно што следната година Балканската федерација ќе организира и Камп за млади шахисти, поддржан од ФИДЕ, на кој, пак, ќе присуствуваат од пет до 10 претставници од секоја балканска федерација, како и врвни шаховски тренери. Македонија треба да има и еден претставник во седумчлениот УО на Балканската федерација. Иницијативата за формирање Балканска шаховска федерација произлезе уште на состанокот во Црна Гора, кога Аркадиј Дворкович ја најави својата кандидатура за претседател на ФИДЕ. На годинашнава Шаховска олимпијада во Индија, пак, сето тоа само се спроведе – појаснува Стојчевски. Г.И.