Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уште мислам дека можам да настапам на високо ниво и сакам да продолжам барем до Лигата на нации. Потоа ќе има повеќе време да се размислува за Европското првенство. Сега одам чекор по чекор и продолжуваме барем до Лигата на нации, а потоа ќе видиме, изјави Модриќ откако Хрватска на годинашниот Мундијал го освои третиот медал на светските првенства, втор бронзен (првиот во 1998 година, а има и едно сребро, од СП 2018)

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Репрезентацијата на Хрватска го освои бронзениот медал на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар, со победата во саботата со 2-1, во мечот за третото место со селекцијата на Мароко.
Тоа е трет медал за Хрватска од фудбалските мундијали, втор бронзен (првиот на Светското првенство во 1998 година во Франција, а има и сребро од Светско првенство во 2018 година во Русија). Мароко е првата африканска репрезентација што се пласирала меѓу четирите најдобри селекции на едно светско првенство.
Синоќа во финалето на 22-то Светско првенство се сретнаа селекциите на Аргентина и на Франција, кои играа за третиот планетарен трофеј (Аргентина беше првак во 1978 и во 1986 година, а Франција ги освои титулите во 1998 и 2018 година).
– Го освоивме бронзениот медал и тој има златен слој, како да сме го освоиле златниот медал вечерва. Ова е крај на еден циклус, крај на едно патување. Моите играчи не штедеа напори и за тоа работиме – рече селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, пренесе „Би-би-си“.
Капитенот на Хрватска, Лука Модриќ (37), кој ги почна сите седум натпревари на Хрватска на Светското првенство во Катар, играјќи вкупно 656 минути од можните 690, ќе продолжи да игра за репрезентацијата, која во јуни в година ја очекува настап на фајналфор-турнирот во третото издание на Лигата на нации.
Во трката за трофејот во новото натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА) треба да настапат и репрезентациите на Холандија (домаќин на турнирот), Италија (актуелен европски првак) и на Шпанија (второпласирана на претходното издание на Лигата на нации, во 2021 година).
– За мојата иднина? Не знам дали ќе играм до Европското првенство во Германија. Ќе видиме. Треба да одам чекор по чекор. Уживам во репрезентацијата. Се чувствувам среќно. Уште мислам дека можам да настапам на високо ниво и сакам да продолжам барем до Лигата на нации. Потоа ќе има повеќе време да се размислува за Европското првенство. Сега одам чекор по чекор и продолжуваме барем до Лигата на нации, а потоа ќе видиме – изјави Модриќ за „Би-ин спорт“, пренесе „Скај спорт“.


НЕКОИ ТРОФЕИ НА ЛУКА МОДРИЌ

Светски првенства сребро и бронза со Хрватска
Лига на шампионите пет титули со Реал Мадрид
Суперкуп на УЕФА четири трофеи со Реал Мадрид
Клупско светско првенство три титули со Реал Мадрид

Некои индивидуални признанија: „златна топка“ на Светското првенство во 2018 година, „златна топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“ во 2018 година, најдобар фудбалер во избор на Европската фудбалска унија (УЕФА) во 2018 година, „златна топка“ на клупското Светско првенство во 2017 година…


ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА

РЕПРЕЗ. ЗЛ. СР. БР.
Бразил 5 2 2
Германија 4 4 4
Италија 4 2 1
Аргентина 2 3 –
Франција 2 1 2
Уругвај 2 – –
Англија 1 – –
Шпанија 1 – –
Холандија – 3 1
Унгарија – 2 –
Чехословачка – 2 –
Шведска – 1 2
Хрватска – 1 2
Полска – – 2
САД – – 1
Австрија – – 1
Чиле – – 1
Португалија – – 1
Турција – – 1
Белгија – – 1

Табела пред вчерашното финале на СП 2022 помеѓу Аргентина и Франција