Ова се работи што треба да се надградуваат во иднина, сакам да видам како се градат, Ако сега заврши вака, нема да има никакво значење. Сакам да ја одиграм мојата улога во помошта да се осигуриме дека ќе продолжи и во иднина, рече Јамашита, која беше една од трите жени на списокот со 36 судии за СП 2022, на кое Фрапар испиша историја со тоа што стана првата жена што судела натпревар на СП за мажи

ФУДБАЛ

Жените што првпат судеа на светско првенство за фудбалери „отворија можности“ и мора да се надградуваат, изјави Јошими Јамашита од Јапонија, која беше една од трите жени на списокот со 36 судии за Светското првенство во Катар, пишува агенцијата АФП.
Таа не судеше на натпревар, но беше четврти судија на шест меча во првото коло на СП 2022. Стефани Фрапар од Франција испиша историја со тоа што стана првата жена што судела натпревар на фудбалско светско првенство за мажи, кога ја презеде одговорноста за дуелот од групата Е, помеѓу репрезентациите на Германија и Костарика. Фрапар беше дел од женската судиска екипа за тој натпревар, а ѝ помагаа Неуза Бек од Бразил и Карен Дијаз Медина од Мексико.
Јамашита рече дека турнирот е значаен момент за фудбалот.
– Ова се работи што треба да се надградуваат во иднина, сакам да видам како се градат, Ако сега заврши вака, нема да има никакво значење. Сакам да ја одиграм мојата улога во помошта да се осигуриме дека ќе продолжи и во иднина – им рече таа на новинарите во Токио, пренесе АФП.
Јамашита рече дека е „среќна од дното на своето срце“ што Фрапар беше именувана да го суди натпреварот Германија – Костарика.
– Тоа навистина отвори можности и можев да видам дека се случува токму пред мене – рече таа.
Јамашита стана првата жена што водела меч од Лигата на шампионите во Азија годинава, а, исто така, судеше и во Првата лига на Јапонија. Таа рече дека судењето на Светското првенство ја потсетило „колку е неверојатен фудбалот“.
– Како една од судискиот тим што требаше да биде назначен за натпревар, почувствував одговорност да осигурам дека тоа е добар натпревар – рече таа.
На списокот со 69 помошници судии првпат беа именувани и три жени, пишува АФП.