Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева во врска со пресудата на Апелациот суд Скопје за предметот „Таргет – Тврдина“ во писмена изјава до медиумите наведува дека во понеделник во рамки на нејзините овластувања веднаш ќе преземе дејствија, а Судскиот совет ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и за констатираната фактичка состојба ќе ја информира јавноста.
-Со оглед дека вчера дознав од медиумите за конкретниот случај, во понеделник во рамки на моите овластувања веднаш ќе преземам дејствија, а Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и констатираната фактичка состојба ќе бидете навремено известени. Укажувам дека Судскиот совет нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука, но има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката во смисла на ажурно постапување и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија – вели во писмената изјава Дамева.