Шефот на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, Јохан Сатлер, им честиташе на граѓаните за доделувањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ.
– Со вас ја споделувам среќата што Босна и Херцеговина доби кандидатски статус за членство во ЕУ. Обединети во различностите е водечки принцип и основна вредност на ЕУ. БиХ и ЕУ почиваат на истите основи – принципот обединети во различностите’ е нашата заедничка вредност, сила и богатство – истакна Сатлер.
Според него, кандидатскиот статус за БиХ е знак дека ЕУ „верува во таа земја и ги споделува своите надежи за подобра иднина“.
– Посилна заштита на човековите права, поголема доверба, ефикасна борба против корупцијата, функционални јавни институции, посилна економија, подобра здравствена заштита и образование. Ова е охрабрување за сите граѓани кои знаат дека патот кон ЕУ е патот кон подобра БиХ – рече тој.
Сатлер нагласи дека кандидатскиот статус е и порака до политичките лидери да свртат нова страница и да ги спроведат потребните реформи, кои ќе донесат добро за граѓаните и ќе ја приближат БиХ до ЕУ.
„Знаеме дека има многу предизвици пред нас, но новиот политички моментум е тука. Да го искористиме. Ние веруваме во оваа земја. Земја која отсекогаш била во срцето на Европа“, заклучи Сатлер.
Лидерите на земјите од ЕУ денеска во Прага донесоа одлука за одобрување на кандидатскиот статус на БиХ за членство во ЕУ.