Фото: Бела куќа/Фликр

Американскиот претседател Џо Бајден објави дека ќе поддржи полноправно членство на Африканската унија во групата најголеми економии Г20, како дел од напорите на Вашингтон да ги зајакне врските со континентот.

Говорејќи на Самитот САД-Африка, Бајден рече дека сака да ја продлабочи соработката во сите области.

– Африка мора да биде на секоја маса на која се разговара за глобалните предизвици и во секоја институција каде што се водат такви разговори – рече Бајден.

Јужна Африка е единствената членка на Г20 од Африка. Африканската унија се состои од 55 земји.

Лидерите на 49 африкански земји се собраа во Вашингтон оваа недела на тридневен самит што започна денеска, фокусиран на климатските промени, безбедноста на храната и трговијата.

Состанокот и изјавите на Бајден имаат за цел да ги позиционираат САД како партнер на африканските земји каде Кина го проширува своето влијание финансирајќи инфраструктурни проекти.

На Самитот Бајден најави помош и инвестиции од милијарди американски долари во Африка.