Фото: МИА

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска рече дека конкретно, лично и директно добивала закани од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Сум имала закани од Христијан Мицкоски и тоа конкретно, лично и директно со зборовите „доколку не го направиш ова, ќе ти се случи тоа и тоа“. „Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подот со тебе“. Верувам дека не жена, ниту еден човек не треба да биде ставен под таков притисок. На оној што ги искажува овие закани не треба да му се дозволи ниту еден момент да биде во функција, во која што ќе може да ги исполни овие закани – посочи вечерва Арсовска во гостувањето на телевизија „Канал 5“.

Таа исто така ги демантираше шпекулациите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека остварила тајна средба со премиерот Димитар Ковачевски и порача оставка да се бара од оние лица кои во континуитет манипулираат и оти не планира таа да се повлече од функцијата.

– Успеа Мицкоски да излезе во медиумите и да каже дека нема да бара моја оставка, но дека не сме знaеле што ќе ми донесе животот и граѓаните ова треба да го осудат. Доколку мислиле дека со ваков притисок ќе предизвикаат да се повлечам, тоа нема да го сторам – рече Арсовска.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение истакнаа дека ќе бараат од Арсовска пред суд да ги докаже изнесените тврдења.

– Имајќи ја предвид тежината на обвинувањата што ги искажа во интервјуто, независно од истакнатото, приморани сме да побараме тоа да го докаже во редовна постапка пред македонските судови – се вели во соопштението.