Неколку илјади луѓе се собраа денеска, како и вчера, пред зградата на градската администрација во Истанбул на протест против пресудата против градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, кој беше осуден на две години и седум месеци затвор по обвиненија за навреда на членовите на турскиот Врховен изборен совет. Поради таа пресуда тој може да биде разрешен и да му биде забрането да учествува на изборите следната година.
Опозициските партии ја доведуваат во прашање независноста на судовите, кои се под, како што велат, сè поавторитарното владеење на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Опозицијата оценува дека гонењето и судењето на Имамоглу се обид да се елиминира клучниот противник на турскиот лидер.
Градоначалникот планира да поднесе жалба на пресудата и се очекува да остане на функцијата додека случајот се разгледува во повисокиот суд.
Ердоган, кој е на власт од 2003 година, прво како премиер, а потоа и како претседател, ќе се бори за нов петгодишен мандат на претседателските избори во јуни следната година.
Поради економските превирања и зголемената инфлација, забележителен е пад на неговиот рејтинг.