Македонската репрезентација е во групата Б и ќе игра со Австрија, Холандија и со Германија, а во другата група се Египет, Исланд, Швајцарија и тимот на Сар. Првите две места обезбедуваат пласман во полуфиналето

РАКОМЕТ – ПРЕД СП 2023 ВО ХРВАТСКА

Машката кадетска репрезентација на Македонија, која ќе учествува на Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години, во август 2023 година во Хрватска, предводена од селекторот Радослав Стојановиќ, ќе настапи на мошне силниот турнир „Шпаркасе куп“ во Германија (од 27 до 29 декември).
Кадетите во август годинава го освоија првото место на Шампионатот на ЕХФ (до 18 години), во Рига (Летонија), на овој турнир се во групата Б и ќе играат со селекциите на Австрија, Холандија и на Германија. Првите две места обезбедуваат пласман во полуфиналето. Во групата А, пак, се репрезентациите на Египет, Исланд и на Швајцарија и тимот на Сар. Турнирот ќе се игра со две полувремиња од по 25 минути. Првиот меч црвено-жолтите ќе го играат против Австрија на 27 декември, а следниот ден на програмата се две средби, со Германија и со Холандија.
Селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, која ќе настапи и на Европско првенство (ЕП) за младинци (за ракометари до 20 години) во 2024 година, Стојановиќ, повика 20 ракометари (од 11 клуба), од кои двајца се интернационалци (голманот Давид Брестовац и централниот бек Мирче Калајџиевски). Првиот собир на репрезентацијата е закажан за 21 декември во Скопје.
Состав: Иван Галевски, Александар Петковски (Алкалоид), Дамјан Митев, Тодор Узунчев, Димитар Узунчев, Валентин Карасманакис (Мулти есенс), Михаел Тотиќ, Андреј Стојановски, Томислав Димовски (Пролет), Дејан Михајловиќ, Дамјан Субашевски (Бутел), Марио Стојановски (Вардар), Петар Стојановски, Андреј Глигоров (Голден арт), Антонио Николовски (Младост), Стефан Милков, Славчо Шулевски (Тиквеш), Ненад Бeлистојановски (Еурофарм Пелистер 2), Давид Брестовац (Котбус, Германија), Мирче Калајџиоски (Гросист, Словенија). Г.И.