Мерењата на нивото на корупција во регионот
Како што е вообичаено, пред крајот на секоја календарска година се сведуваат резултатите, се активира статистиката, за да се согледаат постигнувањата во позитивна, но и во негативна смисла. Така, деновиве се појавија неколку анализи за состојбата со корупцијата на Балканот, состојба што досега поголем број релевантни фактори ја регистрираа и укажуваа на неа како на еден од клучните проблеми за надминување.
Најновиот извештај „Мониторинг на системот за корупција 2021″, објавен од страна на Регионална мрежа за антикорупција (СЕЛДИ), укажува дека Албанија има најголем притисок и вмешаност во корупцијата во Западен Балкан според сите показатели, како што се барање мито, давање, прифатливост на корупција, па дури и заробување на државата од страна на бизнисите.
„Албанија се чини дека е земја што е најмногу погодена од највисоката административна корупција во регионот, 57 отсто од албанските граѓани што биле опфатени во анкетата тврдат дека им бил побаран поткуп, а 47 отсто признаваат дека дале. И двете од овие бројки се највисоки во регионот“, пренесуваат албанските медиуми.
Според истите показатели, Србија останува земја со најниско ниво на корупциски притисок во регионот, додека Косово има најниско ниво на реална вклученост во корупциски активности со 20 отсто од граѓаните што платиле мито барем во неколку случаи во споредба со 23 отсто во Србија. Како што наведува извештајот, директното вклучување во корупциски трансакции е поврзано со распространетоста на специфичните ставови кон корупцијата и коруптивното однесување и со перцепцијата дека корупцијата е широкораспространета во општеството.
Друг показател за прифатливоста на корупцијата, го одразува уверувањето на граѓаните дека некои коруптивни практики на јавните службеници се нормални и дека може да се толерираат.
„Во 2021 година, прифаќањето на корупцијата е највисоко во Албанија (40 отсто), Босна и Херцеговина (38 отсто) и Македонија (37 отсто), Косово (25 отсто) и Црна Гора (27 отсто). Сепак, постојаниот пад на прифатливоста во сите земји, освен БиХ и Црна Гора, од 2016 година, укажува на зголемена отпорност кон корупцијата меѓу граѓаните“, се посочува во извештајот. Дури и заробувањето на државата е доминантно во Западен Балкан, каде што Албанија повторно го држи рекордот како земја каде што приватните интереси значително влијаат врз процесите на одлучување на државата во нивна полза. Интересно е дека според извештајот на Европската комисија од октомври 2022 година, Србија доби оценка два – од максимални пет – во делот поврзан со правдата и основните права, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Не се за пофалба ниту податоците за Глобалниот индекс на перцепција на корупцијата, каде што Србија не забележа напредок, но остана на најниската оценка од 2012 година. Србија е озлогласена затоа што се смета за хибриден режим со силно влијание врз медиумите и малтретирање на критичарите, како и нефер избори, се наведува во Извештајот, во кој се споменува и недостигот од транспарентност околу странските инвестиции и поткопувањето на независноста од страна на партијата врз судовите.
Кога станува збор за другите земји од регионот на Западен Балкан, единствената земја чиј индекс е над светскиот просек од 43 е Црна Гора (46), која покажува напредок. Во Извештајот на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора се наведува дека земјата постигнала ограничен напредок и дека билансот на резултати во спречувањето на корупцијата е подобрен, но и дека Подгорица мора да го подобри балансот во однос на истрагите, кривичните прогонства и правосилните пресуди во борбата против корупцијата, вклучувајќи и на високо ниво.
Мал напредок забележа и Косово, кое од 104-то место се искачи на 87-то место на Глобалниот индекс и ја дели позицијата со Македонија, која исто така напредуваше. И додека тие две земји постигнаа одреден напредок, првенствено поради гонењето на главните афери и високите функционери, тоа речиси никогаш не се случува во Босна и Херцеговина поради, како што наведуваат авторите на Глобалниот индекс, заробениот правосуден систем.