Трите републикански табори се натпреваруваат да ја напишат американската надворешна политика на идниот претседател. Дали на врвот ќе се појават „воздржаните“, „поборниците за приоритети“ или „супериорните“, ќе има длабоки последици по Европа и по светот

Поларизација на моќта во светот

Наспроти очекувањата, демократите го задржаа мнозинството во американскиот Сенат на конгресните избори, иако ја изгубија контролата врз Претставничкиот дом. Неизвесната трка покажа колку САД остануваат поделени и имплицира дека претседателската трка во 2024 година ќе биде исклучително тесна. И покрај послабите резултати на Републиканската партија, враќањето на републиканскиот претседател за две години е сè уште голема можност. Најавата на Доналд Трамп за уште една трка за Белата куќа штотуку ја направи таа перспектива позастрашувачка за Западноевропејците. Но какви и да се неговите шанси да ја добие номинацијата, останува фактот дека евентуалниот победник на внатрепартиските избори ќе мора да биде кандидат во калапот на политиката за „Америка повторно да стане голема“ (МАГА). Без разлика што ќе се случи со Трамп, трампизмот не исчезнува.
Но што значи тоа за Европејците? Тие знаат што би значело републиканско претседателство за внатрешните работи како абортусот, оружјето и имиграцијата, но партијата останува поделена по клучните прашања за надворешната политика. Како резултат на тоа, голем број аспиранти за републикански лидери и политички претприемачи моментално се обидуваат да дефинираат таква доктрина за надворешна политика за нивниот следен претседател, без разлика дали е тоа Трамп, гувернерот на Флорида Рон Десантис или некој друг. Така, трите главни табори што се појавуваат се „воздржаните“, „поборниците за приоритети“ и „супериорните“. Ако републикански претседател ја преземе функцијата во 2025 година, еден од овие табори најверојатно ќе ја унапреди американската надворешна политика по една од овие линии. Европејците сега треба да се подготват за различните нијанси на овој длабокоцрвен поглед на улогата на Америка во светот.

„Воздржани“

Меѓу воздржаните во партијата се оние што се навраќаат на Џексоновата традиција на американската надворешна политика. Тие се залагаат за сила дома и воздржаност во распоредувањето и употребата на воена сила во странство. Тврдокорни во овој табор се сенаторите Ренд Пол и Мајк Ли, кои поддржуваат помалку заложби за САД во странство и раздвојување од американските сојузи, вклучувајќи го и НАТО. Заедно со истакнатите советници на Трамп, како Стив Бенон и Ричард Гренел, тие се залагаат за намалување на американската поддршка за Украина. Воздржаните во моментов се малцинство во републиканската партиска елита, но во мај 11 републикански сенатори и 57 претставници гласаа против пакетот помош од 40 милијарди долари на администрацијата на Бајден за Украина. Антипатијата кон ангажманот во Украина, според „Аксиос“, се подготвува значително да се зголеми, особено ако поскептичните републикански кандидати заземат построги позиции во Конгресот.
Таборот на воздржаните често сака да го смета Трамп за свој. Меѓутоа за време на својот мандат Трамп покажа само многу непостојана приврзаност кон нив. Понекогаш тој изјавуваше дека ќе ги повлече американските сили од Сирија, Авганистан, па дури и ќе го прекине американското членство во НАТО, пред да не успее да направи нешто од овие работи. Понекогаш се закануваше и со интервенции во Иран и Северна Кореја. На крајот, Трамп беше повоздржан од кој било друг американски претседател по Студената војна, но неговите недоследности му дозволуваат на секој табор да си замисли дека можеби е нивен фаворит.

„Поборници за приоритети“

За оние републикански мислители за надворешна политика што сакаат да одржат напредно присуство во светот, клучната поделба е околу приоритетот што ѝ се дава на Кина. Овој табор го гледа стратегискиот предизвик што Кина им го претставува на САД како длабок и егзистенцијален. Како и воздржаните, тие нагласуваат дека американските ресурси се ограничени, но сметаат дека кинеската закана бара напреден одговор на исто ниво со американските напори против Советскиот Сојуз. Тие се загрижени дека американското внимание и ресурсите се посветуваат на други, помалку критични театри, како што се Европа и Блискиот Исток, и ќе ја намалат американската сила за претстојната битка со Кина. Републиканците, како што се сенаторот од Мисури, Џош Хејли, и Елбриџ Колби, поранешен заменик-помошник секретар во Министерството за одбрана, сметаат дека интензитетот на американската конкуренција со Кина околу Тајван произведува два неизбежни тека: воена конфронтација со Кина поради Тајван и повлекување на САД од Европа и Блискиот Исток. Тие инсистираат на тоа дека сериозноста на кинескиот предизвик значи дека САД немаат воен капацитет за две војни. Сенаторот Хејли гласаше против членството во НАТО за Шведска и Финска, како и против постојаната воена поддршка за Украина, тврдејќи дека Америка е премногу оптоварена и не може да го одбрани својот поважен сојузник Тајван.

„Супериорни“

Таборот на супериорните, напротив, верува дека Вашингтон може и мора да ги задржи американското лидерство и воено присуство низ светот. Тука спаѓаат поединци како Ники Хејли, Мајк Помпео, Џон Болтон и Мајк Пенс – фигури од естаблишментот што ѝ се приклучија на МАГА и служеа во администрацијата на Трамп. Супериорните беа против повлекувањето од Авганистан, и покрај ветувањето на Трамп дека ќе стави крај на „постојаните војни“. Тие ја гледаат инвазијата на Русија врз Украина како директна последица на повлекувањето на САД од Авганистан, за што веруваат дека сигнализирало американска слабост. Тие на тој начин тврдат дека САД мора да останат ангажирани и да одржат силно присуство не само во Азија туку и во Европа и на Блискиот Исток. Тие не ја прифаќаат идејата дека САД немаат ресурси за одржување на светското лидерство, но признаваат дека тоа ќе бара американските сојузници, особено во Европа и Источна Азија, да придонесат повеќе за глобалните безбедносни предизвици.

Последици за сојузниците на Америка во Европа

Секоја републиканска администрација ќе создаде тешки политички предизвици за повеќето европски влади, но кој надворешнополитички табор ќе ја преземе контролата ќе биде многу важно за сојузниците на САД. Доколку се доминантни воздржаните или поборниците за приоритети, Европејците ќе треба да се подготват за повлекување на американските безбедносни обврски од Европа. Според воздржаните, ова повлекување може да биде доста брзо, оставајќи ги Европејците сами да се справуваат. Поборниците за приоритети ќе бараат поуредено повлекување, но сепак ќе инсистираат Европејците да го преземат водството во справувањето со Русија, да ја поддржат Украина и генерално да промовираат стабилност во Европа. Супериорните ќе го задржат американското лидерство во овие области, но сепак ќе бараат многу поголем европски придонес во решавањето на американските проблеми во Азија и Блискиот Исток, можеби со вклучување на поддршка за употреба на воена сила против Иран.
Иако овие разлики ќе бидат важни за Европејците, заедничките страни може да се покажат како важни. Сите опишани табори се непријателски настроени кон климатската агенда на Европската Унија (ЕУ) и ќе продолжат со агресивно економско одвојување од Кина, што вклучува контрола на извозот на технологијата, обновување и зголемување на економскиот протекционизам. Тие ќе очекуваат ЕУ да го следи примерот иако американската индустриска политика и намалениот европски извоз во Кина влијаат на европскиот просперитет. Се разбира, исходот од претседателските избори во 2024 година е далеку од јасен. Но, без оглед на тоа, големи се шансите дека републиканците или, подобро кажано, политиката на МАГА на крајот ќе надвладеат.