Фото: Игор Бансколиев

Некултурното сообраќајно управување со моторно возило во овој врнежлив период ги чини пешаците „студен туш“, испрскани со вода собрана во многу локви на коловозите и улиците. Нема ден низ сообраќајниците во земјава да не се забележи случај во кој возач со поголема брзина поминал преку насобрано значително количество вода и притоа буквално „избањал“ случаен минувач. За жал, законските прописи поврзани со ваквите ситуации не се сменети. Доколку станете жртва на несовесен возач што со возило ве испрска додека пешачите, треба да имате невидена среќа на самото место да се најде полициски службеник што ќе го санкционира возачот, во спротивно ќе мора да обезбедувате докази дека тоа навистина се случило така

ПЕШАЦИТЕ ЗАГРОЗЕНИ ОД НЕСОВЕСНИ ВОЗАЧИ НА УЛИЦИТЕ ПОЛНИ СО ВОДА

Почна сезоната на дождови и тоа значи нови проблеми за пешаците, па и за ретките велосипедисти. Насобраната вода на коловозите во комбинација со некултурните возачи резултира со непосакувани ситуации за пешаците, велосипедистите и другите учесници во сообраќајот. За жал, некултурното управување со моторно возило, пешаците ги чини „ладен туш“, бидејќи речиси нема ден низ сообраќајниците во земјава да не се забележи случај во кој возач со поголема брзина поминал преку насобрано значително количество вода и притоа буквално „избањал“ случаен минувач.

Што доколку станете жртва на несовесен возач што ве испрскал со каллива вода?

За жал, законските прописи поврзани со ваквите ситуации не се сменети. Доколку станете жртва на несовесен возач што со возило ве испрска додека пешачите, треба да имате невидена среќа на самото место да се најде полициски службеник што ќе го санкционира возачот, во спротивно ќе мора да обезбедувате докази дека тоа навистина се случило така.
Овој сообраќаен проблем, кој се појавува во кој било период од годината кога има интензивни врнежи од дожд, е регулиран во Законот за безбедност на патниот сообраќај на патиштата. Според членот 124, ставот два од овој закон, возач што се движи со возило по коловоз на кој има вода е должен да го приспособи возењето така што нема да ги прска пешаците, возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, лесни четирицикли и четирицикли.
Доколку не го почитува тоа, возачот може да добие казна во износ од 35 евра во денарска противвредност.
За жал, потребно е целата ситуација да биде забележана од полициски службеник, а доколку прекршокот не е констатиран на тој начин, според Министерството за внатрешни работи, пешакот може да поднесе пријава во полициска станица и потоа, доколку се обезбедат докази, на сторителот ќе му биде издаден платен налог во согласност со наведената процедура.
– Во согласност со членот 46, став 1 и 2 од Законот за прекршоци, мандатен платен налог му се издава на прекршителот доколку прекршокот е констатиран од страна на полициски службеник лично или со помош на соодветни технички средства. Според евиденцијата на СВР-Скопје, од почетокот на 2022 година до денеска се регистрирани четири издадени платни налози за прекршоци по членот 124 од Законот за безбедност на патниот сообраќај на патиштата – велат од МВР.

ГРАЃАНИТЕ БАРААТ ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА

За граѓаните, законот мора да се смени во полза на пешаците, кои велат дека во оваа ситуација тие никако не можат да бидат виновни за делото, а факт е дека сѐ поголем е бројот на возачи што возат без да внимаваат на другите учесници во сообраќајот.
– Секакви има и кај пешаците и кај велосипедистите, но и кај возачите. Ние како пешаци не можеме да бегаме, немаме каде да се движиме. Еве, тргнете накај Драчево, да видите како изгледа пешачењето во вакви услови. Улиците се полни со вода, а возачите воопшто не внимаваат на нас пешаците. Во вакви услови, речиси секојдневно ни се случува ваков инцидент мене или на некој член од моето семејство или, пак, на некој познаник. Не смее и не може ова да остане практика – вели Тања Бошковска.
Според граѓаните, најголем проблем е тоа што страдаат децата.
– Јас пеш ги носам децата на училиште, бидејќи ни е релативно близу. Меѓутоа, кога има вакви интензивни врнежи од дожд, какви што имаше деновиве, тоа е катастрофа. Буквално се облечени како да ќе пешачат километри така. Имаат дождовна јакна, чадори, специјални гумени чизми и пак завршуваме испрскани. Најтрагично е тоа што ниту еден возач не застанал да праша дали сме добро, да се извини или, пак, да ни помогне – вели Билјана Стојковска, чие искуство со овој проблем е доста големо.
И велосипедистите велат дека соочувањето со овој проблем не им е едноставно. Тие тврдат дека возењето покрај возилата никогаш не е покомплицирано од тоа кога врне.
– Речиси сите велосипедски патеки се паралелни со коловозните ленти на автомобилите. Можете да замислите како изгледа тоа. Како да сум константно под туш. Прскаат, возат немилосрдно, невнимателно, како да се само тие на улицата. И тоа навистина не е фер. Мора да се измени законот, да можеме да се заштитиме повеќе во вакви случаи. Само тогаш возачите нема да возат како улиците да се нивни – вели велосипедистот Марко Јаневски.