Германската и европската безбедност загрижени за нуклеарната закана и хибридната војна

Главна последица од стратегиската преориентација на Германија ќе биде засилена дебата за развојот на нуклеарно одвраќање. Ова е прашање за кое никој во Германија не сака да разговара, со оглед на нејзината историја и аверзија кон сè што е нуклеарно. Сепак, ова ќе стане неизбежно прашање со кое се соочуваат германските политичари на среден рок. Поради избувнувањето на конфликтот во Украина и актуализацијата на употребата на нуклеарно оружје, стана јасно дека прашањето за нуклеарно одвраќање сега се најде во центарот на вниманието на европската безбедносна политика
Руската инвазија на Украина го означува крајот на безбедносните спогодби по Студената војна постигнати со германското обединување во 1990 година. Сите претпоставки и политики обликувани околу тие спогодби сега не постојат, вклучувајќи ја и посветеноста на Германија да не произведува или поседува оружје за масовно уништување. Неодамнешниот говор на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој долги години беше поборник за блиски односи со Москва, јасно покажува дека Берлин сега ја гледа Русија како закана. Според тоа, ова повторно ја отвора посветеноста на Берлин кон Договорот за неширење на оружјето (НПТ) и неговото потпирање на нуклеарното одвраќање на САД како основа на неговата безбедносна политика.

Нуклеарниот чадор на САД во Европа

Главните фактори што го спречуваат развојот на германската нуклеарна сила сега се многу послаби. Тие вклучуваат договори за контрола на оружјето, кредибилитетот на американското одвраќање, повлекувањето на Германија од својата програма за цивилна нуклеарна енергија, домашниот отпор кон нуклеарната сила и стравот дека Германија со нуклеарно оружје ќе го оживее „германското прашање“ со своите европски партнери.
На стратегиско ниво имаше јасен пресврт на улогата од Студената војна кога НАТО беше загрижено за конвенционалната супериорност на Советскиот Сојуз. Денес, многу е јасно дека главната закана за германската и европската безбедност не доаѓа од руските конвенционални сили, туку од нуклеарната закана и хибридната војна.
Импликациите од актуелните случувања веќе се разгледуваат во Вашингтон и во Париз. Прегледот на нуклеарната положба од 2022 година дозволува можност за прва нуклеарна употреба во американската доктрина, а претседателот Емануел Макрон неодамна јасно стави до знаење дека француската одвраќање е таму за да ја заштити и брани француската територија и не се однесува и на нејзините европски партнери. Дополнително, Германија не може повеќе да се потпира на САД да бидат стабилен партнер, со оглед на дисфункционалноста на американската демократија и сè поизолационистичките трендови во Републиканската партија, како и стратегиската промена во политиката на Вашингтон кон Кина.

Разгорување на нуклеарната дебата во минатото

Во Германија имаше дебата во доцните 1960-ти за тоа дали треба да има нуклеарна сила, нешто за што се залагаше министерот за одбрана Франц Јозеф Штраус. Тоа беше спречено со предлогот на таканаречената мултилатерална сила (МЛФ), која беше предложена од НАТО како алтернатива на независните германски нуклеарни сили. МЛФ никогаш не ја виде светлината на денот, а за возврат Германија доби улога во групата за нуклеарно планирање на НАТО. Таа се согласи да го потпише НПТ и се откажа од производството на атомско, биолошко и хемиско оружје.
За време на претседателскиот мандат на Доналд Трамп, оваа дебата повторно се разгоре, со оглед на губењето на довербата во политиката на САД. Во 2018 година, истакнатиот политиколог Кристијан Хаке објави авторски текст во „Велт ам зонтаг“ во кој се тврди дека „новата улога на Германија како непријател број еден на американскиот претседател го принудува Берлин радикално да ја преиспита својата безбедносна политика“. Тој објасни дека „Германија за првпат од 1949 година е без нуклеарниот чадор на САД и дека е беспомошна во случај на екстремна криза“. Хаке не беше единствениот што ја поттикна оваа теза. Овој случај го изнесе и водечкиот експерт за одбрана на демохристијаните во Бундестагот, Родерих Кизеветер. Александар Граф Ламбсдорф, потпретседателот на Слободните демократи и водечки експерт за надворешна политика, се согласи дека германските политичари мора отворено да разговараат за ова прашање.

Дали има реални услови во Германија за формирање нуклеарна сила?

Другиот клучен фактор што ги ограничува нуклеарните опции на Германија се однесува на затворањето на нејзините цивилни нуклеарни постројки, што првпат беше објавено од канцеларката Ангела Меркел во 2011 година и се планира да биде завршено оваа година. Како што тврдат Улрих Куне, Тристан Волпе и Берт Томпсон, планираното исфрлање на нуклеарната енергија прави да е потешко и поскапо да се започне со воена нуклеарна програма. Додека Јапонија и Иран би можеле доста брзо да се стекнат со нуклеарната енергија, тоа не би било случај и за Германија. Сепак, одлуката на Берлин да ги затвори своите нуклеарни централи беше одложена поради конфликтот во Украина и намалувањето на испораката на руските енергенти како резултат на тоа. Затоа, Германија наскоро ќе има можност да ја искористи својата цивилна нуклеарна експертиза за воени цели на краток рок.
Се разбира, оваа политика би било многу тешко да се прифати дома. Не само што Зелената партија, која е антинуклеарна во своите темели, е дел од владејачката коалиција туку и има силен пацифистички притисок врз Левицата, особено во Социјалдемократската партија (СПД) и кај зелените. Но Германија е принудена да го преиспита својот нуклеарен став, со оглед на геостратегиската средина. Зелените и СПД веќе беа принудени да ги менуваат своите ставови за воената и климатската политика. Понатамошното влошување на европската геостратегиска средина ќе доведе до повеќе промени во идните владини коалиции.
Конечно, постои загриженост дека нуклеарната сила повторно ќе го отвори германското прашање и ќе го поттикне организирањето европски коалиции што би дејствувале како контратежа. Сепак, украинската криза јасно стави до знаење дека Европа е повеќе загрижена за недостигот од германско лидерство во одбраната, а не за зајакнувањето на нејзината одбрана. Како што забележа Штајнмаер, Германија сега се соочува со многу тешки избори. Нуклеарната Северна Кореја, нуклеарно љубопитниот Иран и изгледите Јапонија и Јужна Кореја да станат нуклеарни сили го поставуваат прашањето зошто Германија треба да заостанува со оглед на нејзината моќ и централно значење за европската безбедност. Руската војска е толку зафатена со конфликтот во Украина што нема причина Европа и Германија да не можат да обезбедат алтернативно конвенционално и нуклеарно одвраќање. Путин можеби е изненаден од реакциите во Финска и Шведска на неговата инвазија, но можеби е уште повеќе изненаден од долгорочната реакција во Германија на неговата политика.