Изложба насловена „Отпорност – Приказни за жени кои инспирираат промени” ќе биде отворена утре во мултимедијалниот центар „Мала станица“ со почеток во 20 часот, а ќе биде отворена до 11.12.2022.
Изложбата ќе ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а ќе се обрати и холандскиот амбасадор Н.Е. Дирк Јан Коп.
– Родовата еднаквост и правдата се основно човеково право од клучно значење за поддршка на кохезијата на едно општество. Сепак, жените ширум светот се соочуваат со длабоко вкоренета нееднаквост и сè уште се недоволно застапени во политичките и економските сфери. Во 2021 година жените во светот претставуваа само 26,1% од околу 35.500 места во парламентот, само 22,6% од над 3.400 министри и 27% од сите раководни позиции. Насилството врз жените се наметнува како сериозен глобален проблем за нивното здравје и сигурност. Во просек, една од три жени ќе доживее физичка или сексуална злоупотреба во текот на својот живот. Оваа заедничка изложба ја афирмира посветеноста на Холандија на правата на жените и родовата еднаквост и правда. Повеќе гласови, документирани од 17 фотографи од 13 различни националности, нудат увид во прашања како што се сексизмот, родовото насилство, репродуктивните права и пристапот до еднакви можности. Изборот на приказни истражува како женските и родовите прашања во 21 век еволуирале и како фоторепортерството ги менувало начините на кои тие се прикажуваат – стои во описот за изложбата.
Застапени фотографи на оваа изложба се Ана Бојазис, Фору Алаеи, Ирина Вернинг, Финбар О’Рајли, Маика Елан, Каталина Мартин-Чико, Пабло Тоско, Оливија Харис, Терел Грогинс, Џонатан Бахман, Хеба Камис, Даниел Берехулак, Робин Хамонд, Дијана Маркосијан, Јан Граруп, Магнус Венман и Фулвио Бугани.
Изложбата е организирана по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените во организација на фондацијата „Ворлс прес фото“ (World Press Photo) и Кралството Холандија, а на која ќе се претставуват избор на приказни, наградени на конкурсите на „Ворлс прес фото“ од 2000 до 2021 година, кои ја истакнуваат отпорноста и предизвиците на жените, девојките и заедниците ширум светот.
Изложбата е организирана од страна на Македонскиот центар за фотографија во партнерство со Националната галерија, а финансиски поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија.
Во рамките на изложбата кураторката од фондацијата „Ворлс прес фото“, Марика Цукровски ќе одржи предавање во Кинотеката на Македонија в сабота во 11 часот. Предавањето е наменето за сите љубители на фотографијата, а влезот е слободен.
Исто така од 21.11 до 07.12. 2022 Македонскиот центар за фотографија организира фотоработилница за документарна фотографија на тема „Човекови права” на која учествуваат 11 студенти по фотографија.