Мора да се избегне ескалација на Косово и Метохија, КФОР останува на стража, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по средбата со шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеф Борелл.
Столтенберг разговараше со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеф Борел, по неуспешните преговори меѓу Белград и Приштина во Брисел.
– Разочарани сме што не беше можно да се реши спорот за регистарските таблички. Сега е време за одговорност и прагматични решенија. Ескалацијата мора да се избегне. КФОР останува буден – објави Столтенберг на Твитер.
Борел денеска по средбата на претседателот на Србија, Алексадр Вучиќ и премиерот на приштинските привремени институции, Аљбин Курти, изјави дека по повеќечасовни разговори Белград и Приштина не постигнале договор.
Тој најави дека ќе ги информира колегите во ЕУ и меѓународните партнери за однесувањето на страните во разговорите и непочитувањето на меѓународно-правните обврски, што, како што напоменува, особено се однесува на Приштина.
Претседателот Александар Вучиќ во обраќањето, по неуспехот на преговорите во Брисел, им порача на Србите на Косово и Метохија дека е важно да се зачува мирот.
– Ако протестираат, треба да протестираат мирно и демократски, ние треба да се потрудиме да го зачуваме мирот – посочи Вучиќ.
Приштина најави дека од 22 ноември во осум часот наутро ќе ги казнува сопствениците на возила со српски регистарски таблички.