Рурална Коалиција во Кичево вечерва организираше трибина на тема „Креирање на програма за подршка на локални граѓански иницијативи и заштита на животната средина“.
Воведно излагање на оваа трибина имаше извршната директорка на Рурална Коалиција и регионален координатор за Југозападен плански регион во Коалицијата за клима на ГО, Лиљана Јоноски. На оваа трибина беа слушнати повеќе предлози што ќе се презентираат пред Советот на општина Кичево, како иницијативи за финансирање од Буџетот на општината за наредната година.
Јоноски беше задоволна од сработеното и очекува дел од предлозите да најдат место во идниот општински буџет.
– Денес одржавме трибина во Општина Кичево, се со цел да поработиме малку за заживување на општината и регионот преку предлагање на конкретни иницијативи за локален економски и рурален развој и заштита на човековата околина. Она што денес беше предложено лично сметам дека има можност за имплементација, а нам ни беше важно граѓаните, меѓу кои и советниците, да ги слушнат проблемите со кои се соочуваат граѓаните, да учествуваат во дефинирањето на иницијативите, затоа што, имплементацијата на таквата програма за развој ќе ја презентираме и на јавна седница пред Советот на Општина Кичево, се со цел да видиме какво ќе биде расположението таа да финансира – истакна меѓу другото Јоноски.
Учесниците на трибината беа задоволни од сработеното, добар дел и од предлозите, потврди и советникот Лазе Јакимоски.
– Како што видовте и на самата расправа јас ја поздравив оваа трибина и се надевам дека во иднина ќе има се повеќе вакви иницијативи, но изразив и мал оправдан сомнеж, бидејќи без разлика колку и да произлезат такви иницијативи дека од другата страна нема да излезат во пресрет околу реализацијата на овие проекти. На крај како заклучок ни се наметна дека е добро што се даваат предлози, а од друга страна единствен начин да се вметнат тие предлози заеднички да се врши притисок на сите нивоа, од месни заедници до советничка група – рече Лазе Јакимоски. З.А.