Криминални поведенија на маката на мигрантите
Балканските медиуми ги синтетизираат вестите што доаѓаат од повеќе извори, а во суштина зборуваат за една иста тема – шверцот на мигранти преку добро познатите шверцерски тури, но овој пат со нови форми и содржини. Имено, сега шверцерите се одлично опремени и „модернизирани“, бидејќи со мигрантите договараат патување и цена преку апликацијата за комуникација Телеграм како туристичка агенција! За оние помалку упатените, Телеграм е глобално достапна шифрирана, меѓуплатформска услуга за инстант пораки.
Мигрантите со години предизвикуваат главоболки за цела Европа, но овој пат информациите зборуваат за нивни сериозни проблеми со шверцерите. Имено, шверцерите на мигранти стануваат сѐ повеќебројни, а според полициски извори, тука станува збор за вистинска балканска мешавина, во која се вклучени Срби, Босанци и Албанци, а сите тие заедно, за сума од 2.500 евра шверцуваат луѓе од Турција во Србија, па потоа им овозможуваат да се префрлат во Европската Унија.
Таканаречената балканска маршрута со години е позната како маршрута по која мигрантите од различни делови на светот се движат кон земјите од Европската Унија. Но тие генерално не го прават тоа сами, туку во тоа за многу пари им помага балканска банда шверцери составена од Срби, Албанци, Босанци, но и државјани на други балкански земји.
Германските и австриските медиуми предупредуваат дека приливот на мигранти се зголемува, а локалната полиција открива како се организираат бандите шверцери.
– Патот Турција – Србија чини 2.500 евра! Шверцерите по балканската маршрута се сѐ поактивни! Се однесуваат арогантно како и секогаш! Контактот со шверцерите не е особено тежок. Имаат група на Телеграм, која изгледа како да се туристичка агенција. Шверцерите лежерно им даваат на луѓето информации за маршрутите и цените. Патувањето од Турција до Србија чини 2.500 евра, со вклучено ноќевање во главниот град на Бугарија, Софија – наведуваат локални извори на кои се повикуваат медиумите.
– Патувањето трае од три до пет дена, треба да се пешачат од 20 до 30 километри, а остатокот со превоз. Тие, исто така, не гарантираат успех со тоа што велат „ова е шверц! Се надевам дека Господ ќе ни олесни“. Бегалците пешачат низ Србија и БиХ кон границата со Хрватска. Ова често резултира со апсење на многу мигранти и шверцери – укажуваат полициските портпароли.
Во целата оваа приказна, посебен акцент беше ставен на Србија, бидејќи, како што велат соговорниците од безбедносниот сектор, во оваа земја е дозволен безвизен влез од земјите од Третиот Свет, но тука се и Босна и Херцеговина и Албанија, така што тоа се посакуваните дестинации за мигрантите, но таму се стационирани и краците на шверцерските банди.