Џудистите на Сеишин што настапија во Нови Сад

ЏУДО – ТУРНИР „ВЕЛИКАНИТЕ НА ВОЈВОДИНА“

На меѓународниот меморијален џудо-турнир „Великаните на Војводина“, кој во организација на Џудо-сојузот на Војводина се одржа викендов во спортската сала „Спенс“ во Нови Сад (Србија), прилепскиот клуб Сеишин настапи со четворица натпреварувачи и освои три медали (по едно злато, сребро и бронза), што претставува голем успех.
Со злато се закити Теона Настоска (категорија до 44 кг), која настапи во кадетска конкуренција, додека бронзен медал освои нејзината сестра Теа Настоска (до 48 кг). Во сениорска конкуренција, пак, сребрениот медал ѝ припадна на Теодора Димеска, која се бореше во категоријата до 52 кг.
На турнирот настапија вкупно 32 клуба, Сеишин го освои седмото место, со вкупно 15 бода, додека првото место ѝ припадна на белградска Црвена звезда.
– Малку недостигаше со медал да се закити и Михаел Димоски (до 48 кг), кој прикажа одлични борби на татамите. Во согласност со календарот за натпревари и покани, клубот ќе продолжи со настапи на вакви меѓународни турнири и во ноември – вели тренерот на клубот Дејан Мицкоски. Г.И.