Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за земјоделство најави подобрување на мрежата за откуп на земјоделските производи. Имено, покрај воведувањето на новиот систем за субвенционирање што се базира на предадено количество кај преработувачите, како и планот за искористување на необработените ниви во приватна сопственост, Министерството планира и проширување на откупните центри во земјата. Какви бенефиции содржи новиот планиран пакет на мерки за земјоделските производители, а каква бенефиција во еден поширок контекст, во рамките на концептот на „битката за повеќе домашна храна“?

Може ли земјоделски пакет од три во едно

Изградба и отворање нов откупно-дистрибутивен центар во Гази Баба е дел од стратегијата во остварувањето на „битката за повеќе домашна храна“, која неодамна беше објавена од македонското министерство за земјоделство. Потресите на пазарите на основните прехранбени производи, кои се случуваат поради енергетската криза во светот, ги забрзаа порано започнатите проекти во ресорното министерство, за поголема стимулација на домашните земјоделски производители и преработувачи. Покрај воведувањето на новиот систем за субвенционирање што се базира на предадено количество кај преработувачите, како и за искористување на необработените ниви во приватна сопственост, се планира и проширување на откупните центри во земјата.
Подобрувањето на конкурентноста при откупот на земјоделските производи, заради постигнување повисок профит за непосредниот и индивидуалниот земјоделец, беше меѓу приоритетите на сите претходни влади, но не беше остварено во посакуваните проекции. И во изминатите години беше најавувано отворање нови и современи откупно-дистрибутивни центри во повеќе земјоделски региони во земјата, но тие не влијаеја значително на подигнување на цената за откупените градинарски производи и овошје. Профитот од земјоделското производство главно го собираат трговците, додека за непосредните производители останува само мал дел од малопродажните цени на храната во маркетите и на зелените пазари.
– Главен проблем при откупот на земјоделски производи кај нас не е дали имаме или немаме откупно-дистрибутивни центри. Проблемот со ниските цени што ги добиваат нашите земјоделци е во монополските позиции, кои се воспоставени од големите трговски компании. Откупот на секоја земјоделска култура е „диктиран“ од една или две фирми во земјата што имаат блиски релации со политичарите, кои не дозволуваат надворешна конкуренција од странски трговци. Таква е состојбата за откупот на пиперката, грозјето, бостанот и другите земјоделски култури. Во минатото имаше случаи кога јагнето во Македонија се откупуваше по две евра за килограм, додека во исто време тоа во Албанија се плаќаше по три евра за килограм. Истото тоа е и со откупот на јаболкото. Многу трговци однадвор не можеа да вршат директен договор за цената со домашните овоштари, иако им беше понудена повисока откупна цена. Продажбата на јаболкото мораше да оди со „посредство“ на домашните откупувачи, кои нудеа пониска цена. Во отсуство на надворешни откупувачи, македонските земјоделци се ставени практично во „феудален“ систем на стопанисување и се принудени да им го продаваат својот производ на малобројните домашни откупувачи, кои можат да ја диктираат цената при откупот – ни изјави Љупче Станковски, земјоделски аналитичар.Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски објави дека е распишан тендерот за изградба на досега наjголемиот откупно-дистрибутивен центар во Гази Баба, во Скопје. Изградбата на центарот ќе чини околу 20 милиони евра. До 17 ноември ќе се избира меѓународна консултантска компанија за проектирање, надзор, дефинирање на бизнис-планот, основниот проект. Според најавите на Министерството за земјоделство, тоа ќе биде најголемиот капитален проект во земјоделството поради тоа што на обиколницата околу Скопје ќе има модерен дистрибутивен центар и ќе го покрива целиот овој регион. Во исто време во тек е и тендерската постапка за центрите во Струмица и во Ресен.
– Тие се три главни центри што треба да ги поврзат сите главни клучни земјоделски региони. Тие ќе ги променат навиките на земјоделците, ќе променат сѐ во земјоделството, заради тоа што ќе бидат место каде што ќе се најдат и понудата на земјоделските производи, нивното пакување, калибрирање, ќе има ладилници – изјави Николовски.
За реализација на Проектот за модернизација на земјоделството, кој е дел од четиригодишната рамка за соработка со Светската банка, ќе се обезбедат 50 милиони евра за унапредување на земјоделството, преку формирање систем на дистрибуција на земјоделските производи и храна, изградба на откупно-дистрибутивни центри, обуки и советодавни услуги за земјоделците, поголемо искористување на европските фондови, како и креирање систем за безбедно отстранување на животинските нуспроизводи. Во досегашните извештаи на Светската банка се посочуваше дека во Македонија не се користи целосниот потенцијал на земјоделството поради ниската продуктивност, недостигот од пристап до нови технологии и можности на пазарот, како и поради ограниченото познавање на менаџментот и маркетингот од страна на помалите земјоделски производители и агробизниси. Исто така, тука се лошото управување и практики по бербата, вклучувајќи лошо сортирање и оценување, како и несоодветно пакување при транспортот, што ги поткопува свежината и квалитетот на производот. Домашните компании имаат лимитирани и технички застарени капацитети за складирање, кои имаат потреба од модернизирање, како на пример преку климатско-отпорни центри за собирање и складирање на производите, кои ќе бидат стратегиски лоцирани и технолошки напредни и кои ќе обезбедуваат целосен опсег на услуги за оценување, сортирање и пакување во согласност со стандардите за квалитет и испорака на купувачите.

Поради повисоките цени на светските пазари, годинава е забележан раст на вредноста на откупеното земјоделско производство. Поголем откуп е забележан кај сите производи, освен кај индустриските и фуражните растенија, овошјето, млечните производи, рибата и другите земјоделски производи. Откупот и продажбата на земјоделски производи во второто тримесечје од 2022 година се 3.369.003.000 денари, што во однос на истиот период лани претставува зголемување за 29,7 отсто. Според Државниот завод за статистика, кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано зголемување за 19,5, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство има зголемување за 39,2 процента. М.Ј.