Разликата помеѓу атомска бомба и валкана бомба е голема. Атомската бомба се заснова на нуклеарна реакција, фисија или фузија, што предизвикува експлозија и радијација. Валканата бомба се заснова на експлозија на класичен експлозив, како динамит или ТНТ. Таа бомба содржи радиоактивен материјал што се распрснува во експлозијата
Што е валкана бомба, колку е радиоактивна
и колку е слична на атомска бомба?
Во последно време сѐ почесто во јавноста се среќаваме со терминот валкана бомба. Најнапред руски медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека Киев веќе ги завршил техничките подготовки за активирање валкана бомба, која наводно требало да биде модел на ракета за ракетниот систем „искандер“ наполнета со радиоактивен материјал, која би паднала над чернобилската нуклеарна централаза што подоцна би ја обвиниле Русија дека лансирала нуклеарен проектил. Ваквите тврдења беа демантирани од украинска страна, а се јави и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој ги отфрли руските обвинувања.
Сите овие изјави ја разбрануваа светската јавност да се запраша што е навистина валкана бомба и кои се ефектите од неа.
Досега никој не активирал валкана бомба иако имаше неколку обиди за тоа. На пример, во 1996 година, бунтовниците од Чеченија поставија бомба со динамит и цезиум-137 во московскиот парк Измаилово. Цезиумот беше извлечен од опремата за лекување рак. Безбедносните служби ја откриле бомбата и ја деактивирале.
Во 1998 година, чеченските разузнавачи пронајдоа и деактивираа валкана бомба што беше поставена во близината на железничка пруга во Чеченија.
Во 2002 година, Хозе Падила, американски државјанин со врски со Ал каеда, беше уапсен во Чикаго под сомнение дека планирал валкан бомбашки напад. Тој е осуден на 21 година затвор.
Израел е единствената земја што изврши четиригодишна серија тестови валкани бомби. Според извештајот на весникот „Хаарец“ од 2015 година, високи нивоа на радијација биле измерени само во центарот на експлозијата, додека нивоата на честичките разнесени од ветерот биле ниски. Израелските експерти оценија дека бомбите не претставуваат значителна опасност, туку имаат само потенцијал за психолошки ефект.
Разлики помеѓу атомска бомба и валкана бомба
Разликата помеѓу атомска бомба и валкана бомба е голема. Атомската бомба се заснова на нуклеарна реакција, фисија или фузија, што предизвикува експлозија и радијација. Валканата бомба се заснова на експлозија на класичен експлозив, како динамит или ТНТ. Таа бомба содржи радиоактивен материјал што се распрснува во експлозијата. Валканата бомба не мора да содржи високопрочистен, особено радиоактивен фисилен материјал (ураниум 235 или плутониум 239), како што се користи во нуклеарна бомба. Радиоактивниот материјал на валканата бомба може да се собере од различни извори – од индустрија, болници, научни лаборатории или нуклеарни централи. Тоа е причината зошто валканата бомба е многу полесна и поевтина за правење од нуклеарната бомба.
Може лесно да се транспортира и во куфер или во автомобил. Сепак, важно е да се истакне дека за потребите на изградбата на валкана бомба, радиоактивниот материјал мора да се сомеле во прав, што го отежнува користењето на високорадиоактивни материјали.
Моќта на валканата бомба
Последиците од експлозија на валкана бомба ќе зависат од многу фактори, вклучувајќи ги јачината на експлозивот, количеството и видот на користениот радиоактивен материјал, временските услови, како што се ветер и дожд итн. Валканата бомба има милиони пати помала експлозивна и радиоактивна деструктивна моќ од атомската бомба. На пример, атомската бомба фрлена врз Хирошима имаше разорна моќ од 20.000 тони ТНТ. Деструктивната моќ на валканата бомба би се мери во килограми, а не во тони или илјадници тони. Облак од радијација од нуклеарна бомба може да се прошири на стотици квадратни километри, додека зрачењето од валкана бомба може да се распрсне на неколку блокови или квадратни километри околу местото на детонација, во зависност од временските услови. Бројот на жртви од примарната експлозија на валканата бомба би бил релативно мал, како и секоја обична бомба со исто количество експлозив.
Ефектот на зрачењето на радиоактивен материјал исто така не би бил голем. Како што се шири радиоактивниот материјал, тој станува помалку концентриран и помалку штетен. Непосредните здравствени ефекти од изложеноста на ниските нивоа на радијација што се очекуваат од експлозија на валкана бомба најверојатно ќе бидат минимални. Ефектите од изложеноста на радијација ќе се одредат од следниве фактори:
Количеството на зрачење на кое е изложено телото
Вид зрачење од користениот радиоактивен материјал (гама, бета или алфа): алфа-зраците се забрзани јадра на хелиум; бета-зраците се забрзани електрони или позитрони, а гама-зраците се електромагнетни бранови, како х-зраци, светлина или радиобранови, но со многу пократки бранови должини (т.е. многу поголема енергија). Честичките на хелиум и електроните се задржуваат во неколку сантиметри воздух или во тенок слој ткаенина или кожа. Честичките од изотопи дисперзирани со експлозија претставуваат сериозна опасност по здравјето главно само ако се вдишат. Гама-зраците можат да поминат низ многу метри воздух или многу сантиметри оловно заштитување, во зависност од нивната енергија. Концентрацијата на радиоактивен материјал брзо опаѓа со оддалеченоста од местото на експлозијата.
Начин на изложеност: надворешен или внатрешен. Контактот преку кожа со допир е најмалку опасен за алфа и бета-зрачење, контактот преку белите дробови со дишење или контактот преку дигестијата со внесување контаминирана вода или пијалаци е многу поопасен, особено за алфа-зрачењето.
Должина на време на експозиција: зависи од тоа дали радиоактивноста е надвор од телото или внатре во него и од типот на радионуклид (полуживот и таканаречено време на биолошко задржување во телото).
Психолошки и економски ефекти
Главната штета што би ја предизвикала валканата бомба е тоа што областа загадена со радиоактивен материјал ќе мора да се евакуира, а нејзината деконтаминација може да бара значително време и трошоци. Последиците од експлозија на валкана бомба е тешко да се предвидат, особено затоа што досега ниту една не е активирана, иако имаше неколку неуспешни обиди. Сепак, Федерацијата на американски научници ги претстави можните последици од експлозија на валкана бомба во две сценарија.
Во сценариото во Вашингтон, дел од грам цезиум-137 (извор на гама зрачење) детониран со експлозив од околу 5 кг ТНТ би го загадил соседството во радиус од пет блока толку многу што без деконтаминација, доколку продолжат да живеат таму, тие би имале за пет проценти зголемен ризик од развој на рак (еден од 1.000 би добил рак во текот на својот живот).
Во друго сценарио, во кое пет килограми ТНТ во Њујорк би расфрлиле девет грама кобалт-60 (извор на бета и гама-зрачење) на врвот на Менхетн, цела населба би станала непогодна за живеење, бидејќи ризикот од рак би се зголемил на еден во сто години, под претпоставка дека не е извршена деконтаминација, доколку жителите продолжат да живеат таму 40 години.
Со други зборови, и двете сценарија би барале деконтаминација на широки површини, што би било тешко доколку радиоактивните материјали што се користат се хемиски врзани за градежните материјали. Затоа, некои згради ќе треба да се урнат, радиоактивните материјали ќе треба да се отстранат од другите со лепливи материјали, а површинскиот почвен слој ќе треба да се отстрани.
Но, дури и по деконтаминација, дури и ако зрачењето би се вратило во нормала, т.н. природна заднинска радијација, луѓето тешко би се одлучиле да се вратат во такви области од страв да живеат или да работат. Веројатно на такво место туризмот долго време би замрел. Иако зрачењето може да биде минимално покачено, многу луѓе особено се плашат од него, бидејќи тоа е нешто што не можат да го видат или почувствуваат, па изворот на опасноста е непознат.
Поради горенаведеното, валканата бомба не се смета за оружје за масовно уништување, туку за оружје за масовно вознемирување. Главните ефекти се психолошки и економски.
Подготвил: Mарјан Велевски