Катимерини
Почетокот на комерцијалната работа, овој месец, на Интерконекторот ИГБ кој транспортира природен гас од Грција во Бугарија беше големо олеснување за нашите северни соседи. Создаде чувство на сигурност во општеството дека домаќинствата нема да „замрзнат“ во зима и во исто време дека постои алтернатива за нивната енергетска прегратка со Русија, која веќе ги затвори славините за Бугарите.
ИГБ ја менува енергетската мапа на Балканот. Можноста регионот уште повеќе да се поврзе со енергетските мрежи на Југоисточна и Централна Европа и да стане центар е сега, со отворање и на вториот гасовод од Солун до Македонија.
Атина и Скопје потпишаа договор во септември 2021 година во Солун, во присуство на американскиот амбасадор, што ја нагласува геополитичката важност на проектот.
Врз основа на договорот, се очекува гасоводот да има вкупна должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимврија до Неготино, преку пограничната зона Евзони – Гевгелија, поврзувајќи ги националните системи за пренос на природен гас на Грција и Македонија.
Неговиот почетен транспортен капацитет ќе биде 1,5 милијарда кубни метри годишно, со можност да се прошири на 3 милијарди кубни метри, а се планира гасоводот да може да транспортира и „зелен“ водород.
Според последните информации, претстои објавување тендери во двете земји, а зголемен интерес е забележан и од други земји од Западен Балкан, како Србија, Косово и пред сè Унгарија.
Не смееме да си дозволиме да бидеме невнимателни или колебливи во однос на економската и, пред сè, националната изводливост на еден ваков проект со Македонија. Да не си пукаме повторно во нога. Развојот во енергетиката е брз. Русија се обидува да ја надгради Турција во енергетски центар и да ги врати пазарите на Југоисточна Европа и остатокот од континентот во својата енергетска закрила, додека овие пазари се борат да станат независни. Грција, исто така, претендира на улогата на енергетски играч и ако навистина ја сака оваа улога, мора да ја активира и оваа втора (по ИГБ) порта за природен гас на Балканот, гасоводот со Македонија.
Енергијата деновиве е, меѓу другото, моќна алатка за влијание: ако Грција не испрати гас во Македонија, тогаш наскоро Софија ќе може да ѝ го продаде вишокот од она што ние ѝ го даваме, вовлекувајќи го Скопје во нејзините геополитички планови. Дали го сакаме ова, пишува грчкиот весник „Катимерини“.