М – мисла, неограничена како музика

Мојата азбука: Александра Велинова, новинарка и писателка за деца

А – Алексеј (помалиот син), Андријана (сестра ми), почеток

Б – божилак, Божиќ, бугенвилија (моето омилено цвеќе)

В – вино (за мене е ритуал, само една чаша црвено со уживање во зимските денови), визба, вистина, вест, вести, весник (секогаш ми бил предизвик, а сѐ некако во ТВ завршувам), вода, вагање

Г – гнездо, глас

Д – дом, далечина, друштво

Ѓ – ѓердан (од бисери, од солзи, од спомени)

Е – емоции (на кои како да подзабораваме некако), Есенин

Ж – желби (кои не треба да станат цел)

З – зеница, златоуст, зборови, зајдисонце

Ѕ – ѕвоно, ѕуница

И – искон, изгрев, исток, искри, игри, информација, интроспекција (повеќе од било кога неопходно да се самонабљудуваме)

Ј – Јован (татко ми), јавност, јазол,

К – корења, круг, книга, камин

Л – лисје, лекомисленост

Љ – љубов (во најширока смисла)

М – мисла (неограничена) како музика

Н – надеж

Њ – Његош

О – Оливер (сопругот), огледало (за да се потсетиме одвреме-навреме да не сме избегале од себе), оган

П – почеток, пишување, поезија

Р – радост, родители (кои ме научија дека во животот пред сѐ треба да си човек), растење (она што го правиме заеднички со синовите)

С – среќа (за која е потребно толку малку, само да се свртиме кон себе и да ја побараме во себе, во новото утро што се раѓа), Стефан (син ми); Сузе (мајка ми), семејство, Сонце, сон (никогаш не треба да престанеме да сонуваме, но и да внимаваме што, бидејќи може да ни се исполни)

Т – топлина, телевизија

Ќ – ќебап (од „Дестан“, прошетки во чаршија)

У – убост, успех, училиште, учителка (учење – сега сме во фаза со синовите кога јас учам од нив, а тие од мене)

Ф – фломастери со кои Алексеј ни ги прави ѕидовите уметнички дела

Х – храна (духовна), храброст, херој

Ц – цвет, цутење, црешата (во дворот на родителите), цвеќиња (многу ги сакам)

Ч – чиста (мисла) чаша (со црвено вино), час (училиштен)

Џ – џагор (детски)

Ш – шах, шал, шумолење, шума


Александра Велинова е дипломирана новинарка и авторка на книги за деца и возрасни, а членка е и на Друштвото на писателите на Македонија. Во нејзината 15-годишна новинарска кариера работела во весници, радио и во неколку телевизии како водителка на културно-забавни емисии, репортажи, дебати. Во моментов работи како презентерка на вестите на ТВ21 и како новинарка. Авторка е на книгите: „Најубавите години“, „Од дното на душата“, „Стапки во пустина“, „Како ги заработив првите пари“, „Стефан во магичниот град“. „Стефан на прошетка со Ками во Египет“, „Стефан во Дино парк“, „Бидејќи сум дете“.
Добитничка е на меѓународната награда „Антево слово“ во 2019 година за песната „Ако сакаш да те сакам“. Годинава во мај ја доби престижната награда „Балкан медиа авард“ за најдобра презентерка.
Специјално за оваа рубрика, Александра Велинова ја напиша песната „Мојата азбука“ во акростих и им ја посвети на читателите на „Колибри“.

Мојата азбука
Мојот јазик на кој зборувам
Од букви триесет и една е.
Јас, една по една, редум ги учев
А од нив се нижеа зборови,
реченици, сказни.
Такви нанижани ги гледав
во збирки и романи.
А в сништата детски поетеса се гледав.
Азбуката наша Кирил и Методиј ја создале
За делото нивно благодарани
сме им вечно.
Без азбука, ко слепи, би лутале по светот.
Училишта наши, дом нејзин се светол.
Кога писмен ти си, ќе видиш
се што не си видел.
А каде не си стапнал, читајќи ќе стигнеш.