ШАХ – ЕКИПНИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА, ПЕТТО КОЛО

Шахистите на Прилеп (треторангирани пред почетокот на турнирот) го добија дербито со Гамбит Асеко СЕЕ (второрангирани) со 3,5-2,5 во петтото коло на Првенството на Македонија, кое се игра во Струга. Решавачка беше партијата на првата табла, која српскиот велемајстор (ВМ) Бобан Богосављевиќ (2.533 рејтинг-поени) ја доби против македонскиот ВМ Кирил Георгиев (2.538) во 61-от потег. Другите пет партии завршија со реми. Нерешено 3-3 заврши дуелот помеѓу Гостивар и Куманово. Алкалоид со 4,5-1,5 го совлада Фишер и е сѐ поблиску до нова шампионска титула.
Кај шахистките, пак, водечкиот на табелата Центар ја задржа челната позиција и по ова коло, откако го совлада Гамбит Асеко СЕЕ со 3-1. Се чини токму последното, седмо коло ќе го реши новиот првак, кога силите ќе ги одмерат Центар и актуелниот шампион Алкалоид, кој во ова коло со 4-0 го победи Карпош. Слободна беше екипата на битолски Стево Патако.
Петто коло, мажи: Прилеп – Гамбит Асеко СЕЕ 3,5-2,5, Фишер – Алкалоид 1,5-4,5, Гостивар – Куманово 3-3, Стево Патако – Анпасан 1,5-4,5. Табела: Алкалоид 10 бода (19,5 поени по табли), Прилеп 8 (19), Гамбит Асеко СЕЕ 6 (19), Гостивар 5 (15), Анпасан 4 (12,5), Куманово 3 (13,5), Фишер 2 (12,5), Стево Патако 2 (9).
Петто коло, жени: Гамбит Асеко СЕЕ – Центар 1-3, Неготино – Куманово 1-3, Алкалоид – Карпош 4-0. Табела: Центар 8 (14,5), Алкалоид 7 (13), Куманово 6 (10), Гамбит Асеко СЕЕ 5 (11,5), Неготино 2 (6), Стево Патако 2 (4), Карпош 0 (1). Гамбит Асеко СЕЕ и Карпош имаат по еден натпревар повеќе. Г.И.