Фото: Игор Бансколиев

На списокот на селекторот има девет интернационалки, по две од Франција и од Хрватска и по една од Романија, Русија, Словачка, Германија и од Турција, и 10 ракометарки од домашните клубови Металург, Ѓорче Петров, Куманово и Вардар

РАКОМЕТ

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски, го објави списокот на повикани ракометарки за претстојниот собир, како и за настапот на Европско првенство (ЕП) што од 5 ноември ќе се одржи во Македонија, Црна Гора и во Словенија, каде што ќе се одигра и завршницата. Собирот на репрезентацијата е закажан за понеделник (во 13 ч.) во Скопје.
Македонија ќе настапи хендикепирана, оти на списокот не фигурира името на повредениот десен бек Елена Ѓорѓиевска, најискусната македонска ракометарка и единствена од актуелниот состав што настапи на ЕП во Македонија во 2008 година, кога македонските репрезентативки го освоија седмото место, што е и најдобар пласман досега на ЕП. На списокот на селекторот има девет интернационалки, по две од Франција и од Хрватска и по една од Романија, Русија, Словачка, Германија и од Турција. Од домашните клубови најмногу ракометарки има од Металург (четири) и од Ѓорче Петров (три).
Македонките на ЕП 2022 се во силната група Ц, заедно со репрезентациите на Холандија, Франција и на Романија, а натпреварите ќе ги игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Македонија ќе го игра првиот меч на 5 ноември (18 ч.) против европскиот вицепрвак и актуелен олимписки шампион Франција, вториот на 7 ноември против Холандија, а третиот меч во групата, против Романија, е закажан за 9 ноември. Трите најдобри селекции од секоја од четирите групи одат во втората групна фаза, а најдобрите три селекции од групата на Македонија остануваат во Скопје и за вториот круг мечеви. Титулата од ЕП 2020 во Данска ја брани репрезентацијата на Норвешка. Г.И.


СОСТАВ

Јована Мицевска Ница, Франција
Марија Јовановска Куманово
Матеа Чурлиновска Куманово
Јована Саздовска Дунареа, Романија
Емилијана Ризоска Ѓорче Петров
Сара Ристовска ЦСКА, Русија
Ивана Џатевска Вардар
Сања Дабевска Локомотива, Хрватска
Александра Коловска Михаловце, Словачка
Леонида Гичевска Локомотива, Хрватска
Ангела Јанкуловска Ѓорче Петров
Симона Маџовска Звикау, Германија
Моника Јанеска Конјалти, Турција
Ивана Арсениевска Металург
Марија Гугуљанова Металург
Анастасија Николовска Ѓорче Петров
Јована Кипријановска Самбре, Франција
Ива Божиновска Металург
Ива Младеновска Металург