Македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит преку настапот на мандолинскиот квартет „Стоби“ ќе го претстави проектот „Смош“ на турнеја низ Македонија.
Во рамки на гостувањето предвидени се настапи во Охрид (петок), Штип (сабота) и во Скопје (недела).
Квартетот „Стоби“ го сочинуваат, Никола Митревски (мандолина), Мате Кошутник (мандолина), Луција Мајиќ (мандола) и Лука Елез (гитара). Овој состав ќе изведе македонски народни песни и хрватски традиционални нумери. Тие претходно беа познати под името „Клинци Мандолинци“, а активни се веќе шест години во рамки на културното здружение „Стоби“.
Настапот во Охрид ќе се одржи во музичкото училиште „Методи Патче“, утре од 18 часот. Квартетот „Стоби“ во Штип ќе настапи во градската библиотека „Гоце Делчев“, задутре од 18 часот, а турнејата завршува во Скопје со изведбата во домот на културата „Кочо Рацин“, в недела од 18.30 часот.
Проектот има цел низ уметноста да реализира мултикултурно образование и демократски развој преку поврзување на пријателските народи на Хрватска и Македонија.