Фото: Твитер

Очекувано е тоа што Европската комисија во извештајот генерално држи позитивен тон во однос на посветеноста на властите на ЕУ агендата, со оглед на тоа дека имавме пробив во јули во однос на процесот на отворање на преговорите и формален почеток на скрининг процесот, вели за МИА директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ) Симонида Кацарска.

Кацарска оценува дека во повеќето поглавја има одреден напредок и, вели, ако погледнеме споредбено со минатите години, нивото на подготвеност за преземање на обврските од членството останува релативно исто.

– Единственото поглавје во кое имаме зголемено ниво на подготвеност за преземање на обврските за членство е во поглавјето за заедничката надворешна безбедносна политика – вели Кацарска за МИА коментирајќи го Извештајот на ЕК.

Кацарска, меѓутоа, оценува дека и покрај напредокот, очигледно е дека има многу области во кои препораките се повторуваат и тие стагнираат.

– Дополнително, исклучително загрижуваат негативните проценки на Комисијата во однос на капацитетот за управување со средствата од претпристапните фондови кои се повторуваат неколку години по ред – вели за МИА директорката на ЕПИ Кацарска.

Прв извештај на ЕК за земјава по почетокот на преговорите во јули годинава

Извештајот на ЕК објавен вчера, е прв извештај за земјава по одржувањето на Првата меѓувладина конференција на 19 јули годинава. Во изминатите извештаи, почнувајќи од 2009 година, Еврокомисијата препорачуваше отворање пристапни преговори, додека во март 2020 година, Советот на ЕУ ја одобри одлуката за почеток на преговорите, но поради блокадата на Бугарија, не беа отпочнати се до јули.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи презентирајќи го извештајот, кажа дека Македонија го отпочна преговарачкиот процес со првата политичка меѓувладина конференција што одамна требаше да се случи и оти ова е пробив за земјата.

Во однос на политичките критериуми, во извештајот стои дека земјава ги продолжува напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, и покрај одредени предизвици. Ограничен напредок е направен во врска со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

За работата на Собранието, во Извештајот стои дека таа е нарушена од политичката поларизација, што го одложи носењето на одредени закони. Натаму се наведува дека Парламентот треба да игра активна и позитивна улога во пристапниот и преговарачкиот процес со ЕУ. Заеднички и брзи напори се неопходни од сите партии со цел приоритет да се даде на зајакнатата улога на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, особено во процесот на реформската агенда на ЕУ.

Македонија е умерено подготвена во реформите на јавната администрација, стои натаму во Извештајот. Земјата постигна ограничен напредок во имплементација на минатогодишните препораки. Усвоена е новата програма за реформи во управувањето со јавните финансии 2022-2025.

Натаму во Извештајот стои дека судскиот систем во Македонија достигнал некое ниво на подготовка/ е умерено подготвено. Земјата е умерено подготвена во превенцијата и борбата против корупцијата.

Македонија, стои во документот, има одредено ниво на подготовка во борбата против корупцијата. Многу работа треба да се направи во подобрување на ефикасноста на спроведување на законот во борбата против одредени форми на криминал, како перење пари и финансиски криминал, оценува ЕК.

Во однос на слободата на изразување, Македонија постигна одредено ниво на подготовка, односно е умерено подготвена, стои во Извештајот. Во целина, се додава, направен е ограничен напредок, во однос на претходните препораки. Генералниот контекст е поволен за слободата на медиумите и дозволува критичко медиумско известување, иако имаше одредени тензии за време на локалните избори во 2021 година, се оценува во документот. Натаму се наведува дека е потребна поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. Властите треба да ги засилат своите напори за реформирање на јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи негова независност, професионални стандарди и финансиска одржливост, стои во Извештајот.

Скрининг-процес за усогласување на законодавството со ЕУ и уставни измени

Македонија по 17 години оваа година ја одржа првата меѓувладина конференција, откако во јули годинава беше усвоен францускиот предлог и со тоа беше тргната блокадата од страна на Бугарија.

Одлуката за почеток на преговорите едногласно беше донесена во март 2020 година, а по потпишувањето на билатералниот протокол на 17 јули годинава и добиената согласност од Бугарија е усвоена и преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ, во писмена процедура на вонредна седница на 18 јули. На 19 јули беше одржана и Првата меѓувладина конференција.

На 15 септември официјално започна скрининг процесот за степенот на усогласеност на законодавството со ЕУ и според очекувањата ќе трае до ноември 2023 година.

На 27 септември заврши објаснувачкиот скрининг за првиот Кластер „Темели“ или „Фундаментални вредности“ на ЕУ, во којшто се опфатени владеењето на правото, политиките на добро владеење, реформите во јавната администрација и менаџирањето со јавните финансии.

На 8 ноември се очекува да започне билатералниот скрининг со ЕУ и ќе се одвива паралелно со објаснувачкиот.

Во објаснувачкиот скрининг ЕУ дава ажурирање на се она што е ново во законодавството, со оглед на тоа дека се поминати неколку години од првите објаснувачки состаноци што ги имаше земјава со Унијата во 2019 година.

Во билатералниот скрининг, пак, државава ќе треба да го презентира степенот на усогласеност на законодавството со ЕУ, календар за натамошното усогласување, начинот на градење инстиуционални, административни и останати капацитети за точно имплементирање на европските стандарди.

Паралелно со скрининг процесот треба да се почне процесот за уставни измени, неопходни за отворање на преговорите по првиот Кластер Темели, односно преговорите нема да се нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот.

Власта има за цел, доколку се се одвива според предвидената динамика, да ги заврши пристапните преговори со Унијата до 2030 година.