Клетите цензори

Токму на победничката идеја на антифашистичката обединетост од Втората светска војна е создадена Организацијата на Обединетите нации, а подоцна и ЕУ. Тргнувајќи од тоа базично антифашистичко заедништво, Македонија има секакво право и покритие да се повикува и гордо да ја истакнува сопствената борба против фашистичките окупатори, како основа на својата државност. Токму 11 Октомври е и првиот печат на македонскиот антифашизам, од кој во 1944-та произлезе и АСНОМ, со кој и официјално е формирана македонската држава. Во таа насока, последните примери на премолчување на македонскиот антифашизам предизвикуваат реакции на негодување во јавноста, како израз на загриженост дека се прави уште еден чекор во деградацијата на македонскиот идентитет и државност

Македонското востание, започнато на 11 октомври 1941 година, во Прилеп и Куманово, е потврдена историска вистина, со која македонскиот народ застана на страната на светскиот антифашизам, борејќи се против бугарскиот и германскиот фашистички окупатор во својата земја, како и за свое национално ослободување и осамостојување. Овие факти од историските учебници и читанки, на кои Македонија гордо се потсетува 81 година, наедно го означуваат и почетокот на градењето на македонската државност со вредности што ја поврзуваат со современите основи на европското заедништво (ЕУ) и светските меѓународни организации (ООН). Токму на победничката идеја на антифашистичката обединетост од Втората светска војна е создадена Организацијата на Обединетите нации, како и неколку години подоцна претходните договорни форми на европските држави (Договорот за јаглен и челик, ЕЕЗ), кои водат до денешниот формат на Европската Унија. Тргнувајќи од тоа базично антифашистичко заедништво, Македонија има секакво право и покритие да се повикува и гордо да ја истакнува сопствената борба против фашистичките окупатори, како основа на својата државност. Тој момент особено не смее да биде премолчан при одбележувањето и прославувањето на тие значајни денови, токму како 11 Октомври, кој е првиот печат на македонскиот антифашизам, од кој во 1944-та произлезе и АСНОМ, со кој и официјално е формирана македонската држава во рамките на југословенската федерација, а секако добива уште поголема важност и потврда со независноста на Македонија од 1991 година.
Парадоксално, но сѐ позабележливо, токму поради фаќање приклучок со некои непринципиелни и сосема контроверзни „европски вредности“, официјалните македонски политичари ја ставаат Македонија во ситуација на денот кога се празнува почетокот на борбата против фашизмот да бидат премолчени фашистите против кои е поведено востанието. Па, така, во говорите на политичарите се споменува „11-октомвриско антифашистичко победничко востание“, но „елегантно“ се избегнува да се каже името на „бугарскиот фашистички окупатор“.

Дури и при изборот на хорската хармонизација на аранжманот за изведбата на партизанската песна „А, бре, Македонче“ на годинешново свеченото одбележување на 11 Октомври, некако „пригодно“ се случило да биде избрана верзија каде што наместо делот од стихот „клетите фашисти“ се користи „душманите клети“. На обвинувањата од јавноста за цензура на песната, од Владата аргументирано демантираат со факсимил од хорската партитура на песната од раните осумдесетти години на минатиот век, но без прецизирање дали постојат и други партитури со поинакви текстуални верзии на песната. Секако, во „неофицијалната“ колективна меморија, оваа песна најмногу е запомнета и се пее со верзијата „клетите фашисти“.

Ваквото детализирање во аргументацијата за верзиите на партизанската песна, секако, личи на „барање влакно во јајцето“, но зачестената практика на самоцензура на македонските политичари, односно избегнување да се изменува фашистичкиот окупатор, против кој е подигнато македонското востание во 1941 година, директно се поврзува со барањата на Бугарија, како некаков европски услов, во македонската историја и сеќавање (а потоа и во светското) да се избрише нејзиниот фашистички избор во Втората светска војна. Фашистичката окупација на Бугарија во Македонија и сите злосторства сторени врз македонското население за време на Втората светска војна, особено протерувањето на Евреите од Македонија во логорот на смртта во Треблинка, треба да биде избришана од секоја меморија, или барем ублажена како „администрација“, а по можност вината за злосторствата да биде префрлена на македонското население. Сиот овој политичко-историски апсурд во режија на современата бугарска држава, членка на ЕУ, доби своевиден легитимитет од Европската Унија, која дозволи во предлог-преговарачката рамка за Македонија да влезат бугарските историски фрустрации, ставајќи го како услов напредокот на работата на мешаната македонско-бугарска историска комисија. За ЕУ да нема недоумици дека Бугарија не бара заборав за нејзиното фашистичко минато, како услов за Македонија, се погрижи извесна бугарска фондација, која себеси се нарекува „Македонија“, која отворено се заканува дека државата Македонија нема да стане членка на Унијата сѐ додека го слави 11 Октомври како официјален државен празник.

Во еден ваков уценувачки амбиент од страна на Бугарија, која се повикува на ЕУ, премолчувањето на фашистичкиот карактер на бугарската окупација на Македонија во време на Втората светска војна, од страна на актуелните македонски политичари, навестува опасност за релативизирање и на антифашистичките основи на македонската државност. Ставено во контекст на низата национално-идентитетски отстапки за соседите, направени во последниве пет години од страна на Македонија во име на евроатлантската и ЕУ-интеграција на Македонија, премолчувањето на македонскиот антифашизам предизвикува реакции на негодување во јавноста, како израз на загриженост дека се прави уште еден чекор во деградацијата на македонскиот идентитет и државност.
Никој, ниту македонските политичари, ниту ЕУ, а најмалку Бугарија, нема право да го премолчува и негира антифашизмот на македонското востание од 11 октомври 1941 година!