На овој историски ден кога се обележува почетокот на одлучната борба против фашизмот – најголемото зло во историјата, и почетокот на неизвесното меѓутоа решително спротивставување против окупацијата, насилството, поделбите, понижувањето и дискриминацијата помеѓу луѓето, повторно се потсетуваме на таа генерација слободољупци и пожртвувани сограѓани кои не се двоумеа во ниту еден миг за тоа на која страна да и се приклучат и да го положат најскапоценото. Уверени, како што сме и ние сега во ова турбулентно време на војна во Украина, меѓутоа и на општа неизвесност во поглед на привидниот мир во светот уверени, за тоа каде да ја дадеме нашата институционална, политичка, материјална и морална поддршка како држава и како граѓани, вели Џафери во честитката по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
Денес, додава тој, битката се води во повеќе димензии и предизвикот е повеќекратно поголем. Покрај животната егзистенција, во прашање е и економската, енергетската и здравствената криза која надвиснала над светот како темен облак.
– Затоа, сплотени и единствени како граѓани и како човечки суштества, никогаш да не заборавиме да бидеме на вистинската, исправна страна, да се бориме за достоинствен и еднакво добар и квалитетен живот за сите. Заедно да градиме стабилна и сигурна иднина за идните поколенија – порачува Џафери