Претседателот на Собранието Талат Џафери сѐ уште не ја примил Иницијативата за одржување на референдум од Левица, соопшти неговиот Кабинет.
– До овој момент претседателот Џафери ја нема примено Иницијативата за одржување референдум од политичката партија Левица – информираат од Кабинетот на Џафери.
Од таму наведуваат дека во моментот кога официјално ќе ја примaт Иницијативата ќе информираат преку соопштение за одговорот на претседателот на Собранието кон подносителот на иницијативата.
Партијата Левица во петокот поднесе Иницијатива за референдум со 750 собрани потписи. Референдумското прашање што го предлагаат е: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022?“. Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев тогаш изјави дека процедурата институционално била комплицирана изразувајќи надеж дека ќе се исплати бидејќи формално правно прашањето е јасно поставено и оти не очекува Џафери да го отфрли.