Растат тензиите на Далечниот Исток
Подготвил: Mарјан Велевски
Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави лансираа четири ракети земја-земја кон Јапонско Море, како одговор на серијата проектили истрелани од Пјонгјанг, соопшти јужнокорејската војска. Според Генералштабот на јужнокорејската армија, јужнокорејската и американската војска истрелале по два тактички проектила врз симулирани цели. Во вторникот воздухопловните сили на двете сојузнички земји изведоа вежба за бомбардирање цел во Жолто Море.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, изјави дека станува збор за „реакција на провокациите од Северот“.
Целта е да ги покажеме сопствените способности и да се осигуриме дека имаме подготвени воени капацитети – рече Кирби.
Сепак, тој директно не го потврди лансирањето на ракетите, ниту пак даде дополнителни детали.
Севернокорејска балистичка ракета завчера прелета над североисточна Јапонија пред да се урне во Тихи Океан, како што соопшти јапонската влада. Проектилот го активирал алармниот систем. Предупредувањето беше емитувано и на телевизија, а жителите на северна и североисточна Јапонија беа повикани да одат во засолништа.