Албанија

Подготвил: Mарјан Велевски

Во водите на Охридско Езеро, на албанска страна, годинава се пуштени 1,7 милион парчиња подмладок охридска пастрмка – коран. Неколкуте акции на порибување ги реализира албанското министерство за земјоделство, а подмладокот е набавен од мрестилиштето во Лин, кај Подградец.

Нелегалниот лов, дури и во период на забрана, го загрозува опстанокот на рибата коран, симбол на Охридско Езеро. Соочени со оваа опасност, годинава езерото го збогативме со околу 1,7 милион риби подмладок. Покрај ова, ќе ги засилиме мерките за спречување на нелегалниот риболов, што влијае на исчезнување на оваа ендемична риба – рече министерката за земјоделство Фрида Крифца, која беше присутна на последното порибување.

Се проценува, како што наведе таа, дека околу 1.500 лица се хранат преку традиционален риболов во ова езеро, но дека сите надлежни структури се на терен за да се спречи нелегалниот риболов.

Една од грижите на риболовците во Поградец остануваат квотите за дозволи за риболов во езерото, што во многу случаи влијае на нелегалниот риболов, со разни недозволени средства. За ова, Крифца рече дека ќе се разгледа целата правна основа за да се овозможи зголемување на квотите.

Има дозвола за 260 рибари, но има уште простор да се зголеми оваа бројка. Секако, ќе имаме можност да го решиме ова – рече таа.

Таа најави надминување и на други проблеми во секторот рибарство, додавајќи дека „заедно со италијанска кооперација е потпишан договор за овој сектор за трансфер на 25 милиони евра“.