Александар Донски
Речиси нема кој во Македонија и дијаспората не ја знае македонската народна песна „Послушајте патриоти“. Верувам дека поголемиот број недоволно упатени луѓе претпоставуваат дека во оваа песна е опеано страдањето на македонските патриоти во некој од турските затвори. Меѓутоа тоа воопшто не е точно и вистината е сосема поинаква!
Малку е познато дека оваа песна (во која, конкретно, се опеани мачењето и смртта на македонскиот патриот и деец, охриѓанецот Александар Караѓуле Охридски) е посветена на неговото темничење токму во бугарските затвори! Подоцна тој таму бил и ликвидиран во далечната 1892 година.
Александар Караѓуле Охридски бил еден од позначајните македонски национални дејци од крајот на 19 век, кои дејствувале главно во Софија и кои се залагале за македонската национална посебност. Овој македонски деец извесно време (1885) работел како одговорен редактор на весникот „Македонски глас“ (и тоа почнувајќи од бројот 5, па до неговото укинување). Во последниот број од овој весник е објавен повик до сите Македонци во Бугарија со оружје да влезат во Турција и да се борат за ослободување на Македонија.
Интересно е дека примероците од овој весник денес се кријат во Бугарија и не се достапни за пошироката (дури и научна) јавност. Александар Караѓуле бил главен организатор и на Македонското читалиште во Софија (околу 1889 година).
Под изговор дека е учесник во дејства против тогашната бугарска влада на Стамболов (а всушност поради неговата македонска национална дејност), Александар Караѓуле Охридски бил уапсен заедно со други Македонци (но и бугарски опозиционери) и на 8.7.1892 од Софискиот суд бил осуден на смрт. По тешките измачувања, овој смел Македонец бил обесен истата година во Софија.
За ѕверствата на кои биле изложени овие дејци во бугарските затвори подоцна пишувал и тогашниот бугарски весник „Согласие“, кој во својот број од 15.6.1894 година известува дека затворениците (меѓу кои и Александар Караѓуле) во Софија биле: „…затворени во гнасни затвори, каде што трпеле со денови, недели и месеци ужасни мачења. Најмногу биле тепани со песочни торби, кои, без да остават видливи знаци, создаваат тешки внатрешни повреди…“
Во истата таа 1894 година членовите на „Младата македонска дружина“, но и други Македонци од Софија, свечено ја одбележале двегодишнината од обесувањето на Александар Караѓуле Охридски, при што претседателот на Дружината, Коста Шахов, одржал потресен говор што бил објавен во тогашниот македонски печат.
(Авторот е историчар)