Русија денеска соопшти дека истекувањето природен гас во Балтичкото Море од двата гасовода до Германија веројатно е резултат на државно спонзориран „тероризам“, а претставник на ЕУ рече дека инцидентот суштински ја променил природата на конфликтот во Украина.
Европската Унија ги истражува причините за истекувањето гас од „Северен тек“ 1 и 2 и соопшти дека се сомнева во саботажа. Не е јасно кој би можел да стои зад таков намерен напад на гасоводите, за чија изградба Русија и западните земји потрошија милијарди долари, јавија западни медиуми.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека „ова изгледа како терористички чин, можно на државно ниво“. Според него, тешко е да се замисли дека „таков чин на тероризам може да се случи без интервенција на некоја земја“. Портпаролот ја опиша ситуацијата како „многу опасна“ и бара „итна истрага“.
Американската телевизија „Си-ен-ен“, повикувајќи се на три извори, објави дека европските безбедносни служби забележале руски помошни бродови и подморници недалеку од местата на истекување. Коментирајќи го ова прашање, Песков рече дека има многу поголемо присуство на НАТО во областа. Дополнително, Русија тврди дека истекувањето на бреговите на Данска и Шведска се на места кои се „целосно под контрола“ на американските разузнавачки агенции.
На самит во Прага следната недела, лидерите на ЕУ ќе разговараат за истекувањето гас, кое сега е веќе во четврти ден.
– Нападот врз стратешката инфраструктура значи дека стратешката инфраструктура на Унијата мора да биде заштитена – рече претставник на ЕУ за западни медиуми.
Според изворот, она што се случило „фундаментално ја менува природата на конфликтот во Украина, како што беше досега, како и мобилизацијата и евентуалната анексија“ на украински територии.