Италија ја добива најдесничарската влада од Бенито Мусолини. Според привремените резултати, десничарскиот блок предводен од „Браќата на Италија“, партијата под водство на Џорџа Мелони, треба да има убедливо мнозинство во двата дома на италијанскиот парламент. Станува збор за жена која во минатото го пофали Мусолини.
– Бенито Мусолини беше добар политичар бидејќи сè што правеше, правеше за Италија – рече своевремено Мелони, за подоцна да истакне дека диктаторот направил и „грешки“.
На почетокот на годинава таа го искажа и сопствениот став за лидерот на поранешна СФР Југославија, Јосип Броз – Тито. Во публикација од февруари Мелони напиша дека е апсурдно да се покажува чест на некој кој е одговорен за масакрот на Италијанците.
Мелони, сепак, ги отфрла постфашистичките корени на нејзината партија и ја прикажува како мејнстрим група како британските конзервативци, иако се наведува оти нејзините политичките почетоци се поврзани со неофашистичка младинска организација.
Мелони вети дека ќе ја поддржи западната политика за Украина и нема да ризикува со кревките финансии на Италија. Како свои непријатели ги истакнува ЛГБТ-лобито, Џорџ Сорос и масовната имиграција.