Лондон – Надгробниот споменик на британската кралица Елизабета Втора е официјално откриен во дворецот „Виндзор“, пет дена по нејзиниот погреб, соопшти Бакингемската палата. Елизабета Втора е погребана во гробницата на Џорџ Шести, именувана по таткото на кралицата, кој почина во 1952 година. Во таа гробница се посмртните останки на нејзините родители и на принцот Филип, сопругот на Елизабета, кој почина во 2021 година. Исто така, во таа гробница се наоѓа и урната на нејзината сестра Маргарета. Споменикот на кралицата е рачно направен од белгиски црн мермер со букви од месинг, „за да се усогласи со другите споменици во гробницата“, соопшти Бакингемската палата.

Тартус – Бројот на мигранти што загинаа во несреќа во близината на сирискиот брег, кога потона бродот со кој патуваа од Либан, се искачи на 94, јави сириската државна телевизија. Преживеаните изјавија дека бродот го напуштил Миниех, северен Либан, пред неколку дена и дека на него имало луѓе од различни националности. Сириските власти почнаа да пронаоѓаат тела на брегот на пристанишниот град Тартус на 22 септември.

Вашингтон – Најмалку пет лица се повредени, од кои двајца од истрели од огнено оружје, откако избила престрелка во забавен парк во Кенивуд, Пенсилванија. Пукањето се случило за време на настан за „Ноќта на вештерките“. Во престрелката двајца се ранети, додека другите најверојатно се повредени при бегството, јавуваат медиумите. На местото на настанот биле повикани голем број итни служби, меѓу кои и амбулантни возила и медицински хеликоптер. Точниот број на повредените и идентитетот на пукачот, засега не се познати, јавија агенциите.

Берн – Швајцарија е принудена да уништи 10,3 милиони дози од вакцината против коронавирусот на „Модерна“, бидејќи им истече рокот, соопшти швајцарското министерство за здравство. Вредноста на вакцините што треба да се уништат е околу 280 милиони швајцарски франци (294 милиони евра). Според швајцарското министерство за здравство, 2,5 милиони дози од вакцината сè уште се чуваат во воената логистичка база, а 7,8 милиони се чуваат во магацин во Белгија. Стратегијата на Швајцарија за снабдување со вакцини од почетокот на пандемијата беше да се нарачаат повеќе дози отколку што е потребно за 8,7 милиони жители на Швајцарија. Во јуни, швајцарските медиуми објавија дека земјата има вишок од 38 милиони дози различни вакцини против коронавирусот, чии рокови ќе истечат пред крајот на годината.