Македонскиот јазик е вклучен во важен француски проект посветен на сказните на Шарл Перо, кој се спроведува од страна на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, што важи за еден од најреномираните филолошки образовни и научни центри во Европа. По повод Меѓународниот ден на преводот, на сцената на големиот настан во организација на ИНАЛКО, „Гласовите на сказната“, во Париз, сказната „Самовили“ на родоначалникот на современата европска сказна, Шарл Перо, ќе биде презентирана и во превод на македонски јазик, како и на уште неколку други јазици. Преводите се подготвени во рамките на проектот, со активна вклученост на Лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО.
– По вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција со што на ИНАЛКО е гарантирана нејзината заштита и зачувување, како и нејзината самостојност, вклучувањето на македонскиот јазик во овој значаен проект посветен на една од најзначајните личности од европската книжевна историја е уште една потврда на статусот што македонскиот јазик го има на оваа реномирана европска високообразовна и научна институција. Како Семинар искажуваме задоволство и благодарност што преку нашиот лекторат можеме да придонесеме во успешното остварување на овој голем проект и што едно од најпознатите дела на Шарл Перо, и среде Париз ќе се слушне и доживее и на македонски – истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Следната година ќе се одбележат 50 години македонистика на ИНАЛКО во Париз – јубилеј што обврзува, како што напоменува Мојсова-Чепишевска, и тоа не само за негово достојно одбележување туку и за натамошни уште поголеми вложувања во македонистиката во Франција.

Но ваквите значајни проекти каков што е овој за Шарл Перо, како што укажува таа, овозможуваат перспективи и натамошно продлабочување на соработката, водејќи до нови идеи.
– Овој проект води и до нови идеи, од кои еден дел можат да се иницираат и во натамошната соработка, а можат да бидат поттик и за новите генерации книжевни преведувачи. Сказните напишани или запишани од Перо не се само за деца, но се исклучително важни за постулирањето на книжевноста за деца и се вградени во темелите и на современата книжевност наменета и за најмладите читатели. А токму преку книжевноста за деца може и треба да се градат мостовите за афирмација на националните книжевности и култури пред новите генерации, како преку потврдените книжевни вредности коишто се дел од националната книжевна класика, така и преку најновите остварувања создадени во времето на денешните деца – нагласува Мојсова-Чепишевска.

Во овој контекст, значајно е да се напомене дека на дел од странските универзитети, изминатите години има зголемен интерес за македонската книжевност за деца, како резултат и на вклучувањето на книжевноста за деца во рамките на школите на МСМЈЛК при УКИМ, за што сведочи и двојазичниот избор од македонската поезија за деца што се подготвува на Универзитетот во Љубљана.

Инаку, големиот настан организиран од ИНАЛКО, „Гласови на сказната“, на кој значаен сегмент од творештвото на Шарл Перо, во Париз ќе биде презентиран и на македонски јазик, ќе се одржи на 30 септември, а преводот е координиран и работен под менторство на лекторот по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески. Мото на настанот е мислата на филозофот Лудвиг Витгенштајн: „Границите на мојот јазик се идентификуваат со границите на светот“, при што на сцената, сказна од Перо ќе се слушне на повеќе од 20 јазици. Во рамките на проектот, следната година, во Париз ќе се одржи и симпозиум посветен на творештвото на Перо.