Стручнни лица од земјава започнаа со увид на состојбите во манастирот Трескавец и на црквата „Успение на пресвета Богородица“.

Дополнително во почетокот на ноември експерт од Грција планирано е да го проучува проблем што е опасност за црквата – влагата која има направено штета во старата црква.

Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј Прилеп, вели дека се работи на проблемот.

– Влагата во црквата и во трпезаријата е голем проблем. Затоа стручни лица од земјава и од странство доаѓаат да ја увидат состојбата. Еминентен грчки стручњак, професорот Препис треба да дојде на увид во почетокот на ноември. Со негова помош ќе најдеме некакво решение со кое ќе можеме да почнеме да работиме на заштитата и решавањето на главниот проблем – влагата. За реставрација и конзервација на црквата од Министерството за култура бараме 1,5 милиона денари. Во тек е изработката на основниот проект за конзервација и реставрација на архитектурата, на фрескоживописот на црквата. Веќе е почната превентивната заштита – вели Цветкоски.

Отец Калист од манастирот Трескавец се надева дека ќе се забрзаат активностите за заштита на црквата.

Изградбата на водоводот и канализацијата до манастирот што е услов за новоизградените конаци да бидат ставени во употреба е закочена.

– За изградбата на водоводот обезбедени се средствата. Проектот е направен повеќе од една деценија, избрана е и фирмата и се очекува реализацијата. Се надеваме набрзо – вели отец Калист.

Од Завод и музеј Прилеп велат дека во манастирскиот комплекс Трескавец се инвестирани преку 2,5 милиона евра од кои најмногу во обновата на конаците. Водоводот е обврска на Општина Прилеп, а одвоените средства се околу 100 000 евра.

Во февруари 2023 ќе се навршат 10 години од пожарот во кој изгореа манастирските конаци, кои се обновени.

 

Ка.М.