НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип распишува Конкурс за драмски текст за деца.
Наградата ќе биде во висина од 60.000 денари во бруто-износ. Во наградата е вклучен и откуп на авторското право за изведување на делото во продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип. Жири-комисијата ќе награди само едно дело.
Наградената пиеса ќе биде отпечатена во тираж од 100 примероци. Истата таа ќе биде инсценирана на сцената на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип. Наградената пиеса и другите две што ќе влезат во потесен избор ќе им бидат препорачани на сите културни институции што имаат можност за сценски изведби.
Условите за конкурирање на овој повик се следните:
– ќе бидат оценувани современи драмски текстови оригинално напишани на македонски јазик, кои претходно не биле објавувани и јавно изведувани;
– може да се достават најмногу два драмски текста од ист автор;
– ќе бидат разгледувани само целовечерни драмски текстови.
Драмските текстови треба да се достават на адресата: НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, Плоштад „Тошо Арсов“ бб, 2000 Штип, со назнака – За конкурс за драмски текст за деца. Непотпишана копија од делото со шифра да се достави во затворен плик. Во истиот плик да се достави друг затворен плик со назнака „Не отворај“, кој ќе содржи пријава во која ќе бидат следниве информации: име и презиме на авторот, адреса на живеење, назив на делото, шифра на делото, кратка биографија на авторот, е-адреса и телефон за контакт.
Рок за поднесување е 31 септември.
Резултатите од конкурсот ќе бидат соопштени на 10 октомври, за време на одржувањето на театарскиот фестивал за деца и младинци „Малиот Принц“, организиран од НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.