НАТО речиси сигурно би се вклучил во борбата, ако Русија ја спроведе воената практика „спржена земја“ (воена стратегија во која при повлекување намерно се уништува сѐ што би можело да му послужи на непријателот) во Украина, истакна поранешниот врховен командант на Алијансата и командант на американските сили во Европа до неговото пензионирање во 2013 година, Џејмс Ставридис. Неговиот коментар уследи откако порталот „Дејли бист“ извести дека руските државни медиуми наводно се залагаат за насилен одговор, вклучувајќи и „спржена земја“ наспроти украинската контраофанзива, според „Њузвик“.
Ставридис се огласи на Твитер коментирајќи објава споделена од колумнистката на „Дејли бист“ Џулија Дејвис.
– Практиката „спржена земја“ која ја турка Украина во „мрак“ исто така е позната како масовно воено злосторство. Ваквите постапки речиси сигурно би го вовлекле НАТО во борбата, вклучително и со зона на забранети летови. Лоша идеја Владимир – напиша Ставридис на Твитер.
НАТО засега одбиваше да воведе зона на забранети летови над Украина и изрази загриженост дека таквиот потег дополнително би ја проширил војната.
Ставридис во неодамнешно радио-интервју кажа како верува оти рускиот претседател Владимир Путин знае дека „направил грешка“ со руската специјална операција во Украина. Поранешниот врховен командант на НАТО претходно јавно ја критикуваше, како што истакна, „големата неспособност“ на руската војска.
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, пак, го отфрли тврдењето дека руската специјална операција во Украина се должи на проширувањето на НАТО за време на неговото претседателство.
– Мислам дека го сторивме вистинското нешто во вистинско време. Ако не го сторевме тоа, кризата можеше да се случи и поскоро – кажа Клинтон во интервју за „Си-ен-ен“.
Чешка, Унгарија и Полска се приклучија на НАТО додека Клинтон беше претседател на САД, а потоа, во 2004 година во Алијансата беа примени и Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија.