Џејмс Ставридис/Фото: Фејсбук

Поранешниот врховен командант на НАТО за ситуацијата во најголемата европска нуклеарна електрана

Пред две децении, поминав повеќе од две години спиејќи неколку ката над осумте нуклеарни реактори на „Ентерпрајз“, најстариот носач на авиони на нуклеарен погон на американската морнарица. Јас бев адмирал на командата на „Ентерпрајз“ и пловев на долгорочнен борбен ангажман на Средниот Исток, во поддршка на ирачката и авганистанска војна, пишува Џејмс Ставридис, поранешниот врховен командант на НАТО и командант на американските сили во Европа до неговото пензионирање во 2013 година, во колумна за „Блумберг“.

Не губев сон размислувајќи за тие реактори бидејќи знаев колку професионална и методична е морнарицата во однос на нивното управување. Сите американски подморници и носачи користат нуклеарен погон. Поминав значително време со нашите инженери и научив многу за предностите и опасностите на атомската енергија.

Денес губам сон поради ситуацијата во Украина каде што трупите на рускиот претседател Владимир Путин ја окупираат најголемата европска нуклеарна електрана во Запорожје. Путин навистина си игра со оган и поголемиот дел од Европа (како и Русија) се во значителен ризик од нуклеарен инцидент со застрашувачки долгорочни последици. Што треба да стори меѓународната заедница?

Русите го освоија целиот нуклеарен комплекс во југоисточна Украина и го држат поради три основни причини. Прво, Путин ја гледа стратешката локација во близина на долгоочекуваната офанзива на Украина околу Херсон како вид на засолниште од кое неговите сили можат да изведуваат напади. Тој верува дека Украинците нема да ја бомбардираат локацијата поради ризиците за избивање на радијација.

Второ, Путин ја користи ситуацијата за да ги застраши Европејците, всушност заканувајќи се со нуклеарна катастрофа, како кризата во Чернобил во 1986 година. Најпосле, тој сака да биде во ситуација да ја отсече струјната мрежа на Украина, бидејќи „Запорожје“ снабдува огромни 20 отсто од електричната енергија во државата.

Во случајот на „Запорожје“ има неколку патишта до катастрофа. Неможноста за безбедно управување на нуклеарната електрана, оневозможување на системот за ладење во борбите и уништување на помошните генератори во војувањето, како и артилеријата да ги погоди складиштата со потрошен ураниум.

Што може да се стори за избегнување на катастрофа од типот на Чернобил? Најважно е меѓународната заедница да инсистира на инспекција на реакторот. Ова е мисија на МААЕ, преводена од аргентинскиот дипломат Рафаел Гроси.

– Следниот чекор е компликуван, но критичен и подразбира демилитаризација на нуклеарната централа „Запорожје“ и на околната објаст. Убедувањето на Русија на согласност би било тешко, но може да биде наметнат дополнителен притисок преку понатамошна осуда од Обединетите нации, од НАТО преку навраќање на идејата за зона на забранети летови или преку засилено економско казнување, вклучувајќи глобални секундарни санкции врз продажбата на руски енергенси – пишува Ставридис, нагласувајќи ја важноста од избегнување на потенцијалната катастрофа од масовно протекување на радијација.