Европската унија е длабоко шокирана од откривањето стотици тела набрзина закопани во близина на Изјум во Украина и „најостро ги осудува овие злосторства – изјави синоќа шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
– Руската агресивна војна против Украина остави трага од крв и уништување… Русија, нејзините политички лидери и сите оние кои се вклучени во тековните прекршувања на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право во Украина ќе одговараат – се вели во соопштението на шефот на европската дипломатија.
– ЕУ ги поддржува сите напори во овој поглед – нагласи тој.
– Илјадници цивили веќе се убиени, многу други се мачени, прогонувани, сексуално нападнати, киднапирани или насилно раселени. Ова нечовечко однесување на руските сили… мора веднаш да престане – додаде Борел.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека „повеќе од 400 тела“ се пронајдени во масовна гробница во близина на Изјум, град кој неодамна беше заземен од украинската армија и вратен под контрола на Киев.
Гувернерот на регионот Харков, Олег Синегубов, изјави дека „99 отсто од телата ексхумирани вчера во Изјум имаат траги на насилна смрт“.
– Телата ќе бидат испратени на обдукција за да се утврди точната причина за смртта. Секоја смрт ќе биде предмет на истрага и ќе стане доказ за воените злосторства на Русија пред меѓународните судови – рече Синегубов